
Само 3,5 проценти од светската популација живее во земји каде што е загарантирана целосна слобода на изразување и собирање, се наведува во извештајот „Атлас на цивилното општество за 2025 година“ на германската лутеранска хуманитарна организација „Леб за сите“.

– Спротивно на ова, 85 проценти од светската популација живее во земји каде што граѓанското општество е ограничено, потиснато или затворено, што влијае на речиси седум милијарди луѓе. Нивните влади сериозно ги ограничуваат граѓанските слободи и ги малтретираат, апсат или убиваат критичките гласови – се вели во извештајот изработен врз основа на податоците на Цивикус Монитор, истражувачка алатка за состојбата на граѓанското општество и слободи на меѓународната непрофитна организација „Цивикус“.
Со извештајот се опфатени 197 земји и територии, кои се класифицирани во пет категории: „отворени“, „загрозени“, „ограничени“, „потиснати“ и „затворени“.
Земјава е класифицирана во групата на „загрозени“ заедно со 42 други држави во кои живеат 11,1 проценти од светското население, меѓу кои и Австралија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Косово, Полска, Романија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора и Шпанија.
За овие земји се вели дека во голема мера им е дозволуваат на поединците и организациите на граѓанското општество да ги остваруваат своите права за слобода на здружување, собирање и изразување.
– Сепак, се уште има случаи на кршењата на овие права. На пример, има случаи каде организациите кои се сметаат за критични кон властите се потиснувани. Демонстрациите понекогаш се забрануваат од страна на властите, поради, како што се наведува безбедносни причини. Целосната слобода на печатот е ограничена или со строга регулатива или со политички притисок- се наведува во извештајот за оваа категорија земји.
Во групата на „отворени“ спаѓаат 40-тина земји со само 3,5 отсто од глобалното население, меѓу кои се и Австрија, Јапонија, Канада, Нов Зеланд, Португалија, Словенија, Чешка, Швајцарија, како и нордиските и балтичките држави, кои им овозможуваат и гарантираат граѓански слободи на сите луѓе.
– Луѓето можат да формираат здруженија без законски или практични бариери, да демонстрираат на јавни места, да добиваат информации и да ги шират. Властите се отворени за критики од организациите на граѓанското општество и обезбедуваат платформи за интензивен и конструктивен дијалог со граѓаните. Демонстрантите генерално се заштитени од полицијата, а законите што го регулираат правото на собирање ги исполнуваат меѓународните стандарди. Постојат слободни медиуми, содржината на интернет не е цензурирана, а владините информации се лесно достапни- се вели во извештајот.
Во категоријата на „ограничени“ се вклучени 35 држави во кои живее 12,9 проценти од светското население, меѓу кои се и Босна и Херцеговина, Бразил, Велика Британија, Грција, Србија, Украина и Унгарија, во кои властите го ограничуваат слободното остварување на основните права, преку комбинација од законски и практични мерки.
– Ова значи дека иако постојат организации на граѓанското општество, државните власти се обидуваат да ги поткопаат преку надзор и вознемирување. Граѓаните можат мирно да се собираат, но честопати се растерувани од полицијата која користи прекумерна сила, како што се гумени куршуми, солзавец и палки. Постои простор за недржавни медиуми и уредничка независност, но новинарите се соочуваат со физички напади и тужби за клевета- се потенцира во документот.
Како „потиснати“ се оквалификувани 51 држава, кои опфаќаат 42,6 проценти од населението на Земјата, меѓу кои се и Индија, Мексико, Казахстан, Пакистан, Тајланд, Турција и повеќето африкански држави, во кои слободата на граѓанското општество е строго ограничена.
– Секој што ги критикува оние што се на власт е следен, малтретиран, затворан, па дури и убиван. Работата на неколкуте организации на граѓанското општество редовно е попречена – тие ја губат својата регистрација или се целосно затворени. Врз мирните демонстранти често се пука со боева муниција од страна на државните сили или тие се апсат. Медиумите обично ја одразуваат перспективата на Владата. Критичките веб-страници и социјалните медиуми се блокирани, а користењето на интернет е строго следено- се додава во извештајот.
И во последната категорија на „затворени“ се вклучени 29 земји со 29,9 проценти од вкупното светско население, меѓу кои и Белорусија, Виетнам, Кина, Русија, Северна Кореја и речиси сите блискоисточни држави, каде „нема простор за граѓанското општество“.
– Поточно, ова значи дека преовладува атмосфера на страв. Државните и моќните недржавни актери остануваат неказнети кога затвораат, злоупотребуваат или убиваат луѓе кои се залагаат за остварување на своите права на слобода на здружување, собирање и изразување. Секоја критика на режимот е строго казнувана. Нема слобода на печатот. Интернетот е строго цензуриран, а повеќето веб-страници се блокирани- се вели во документот.
Во однос на ланскиот извештај девет земји – Буркина Фасо, Грузија, Есватини, Етиопија, Кенија, Монголија, Перу, Холандија и Палестинските територии – се рангирани пониско, а девет други повисоко – Бангладеш, Боцвана, Јамајка, Јапонија, Либерија, Полска, Словенија, Тринидад и Тобаго и Фиџи.
– Институциите на владеењето на правото се под притисок низ целиот свет. Тие се нападнати, на пример, од десничарски екстремистички и десничарско-либертаријански групи, како непријатели на наводната волја на народот. Им се одзема легитимитетот да ја контролираат извршната власт или да ги заштитат правата на малцинствата. Во исто време, законот се повеќе се користи за репресија: владите ги злоупотребуваат постојните закони или создаваат нови за борба против актерите на граѓанското општество или ги попречуваат новинарите во нивната работа- се оценува во извештајот.
Сепак, како што се посочува во документот, и граѓанското општество возвраќа со тоа што организациите и активистите ширум светот се повеќе прибегнуваат кон тужби и стратешки судски постапки за да го унапредат социјалниот и еколошкиот напредок.
Според претседателката на “Леб за светот”, Дагмар Пруин, извештајот покажува дека актерите на граѓанското општество ширум светот имаат алармантно ограничен простор за дејствување и дека владеењето на правото е под притисок.
– Демократијата и човековите права ширум светот се напаѓаат во положба каква што не сме виделе со децении. Владеењето на правото, поделбата на властите и заштитата од државното самоволие се под закана во се поголем број земји или тие воопшто не постојат-истакна Пруин, додавајќи дека за да има вистинска демократија потребно е да постои слободно цивилно општество.