Skip to main content
Музика

Атанас Петров со нов сингл „Манири“ – свежа енергија и модерен звук

15/05/2025  15:47

Со децениска музичка посветеност и искрена љубов кон сцената, Атанас Петров продолжува да чекори по својот музички пат со новиот сингл „Манири“, композиција која носи освежувачки ритам и современ поп звук. По емотивната балада „У теби чувам све“ и првата авторска песна „Сад ме молиш“, „Манири“ ја заокружува неговата досегашна дискографија со динамика и продукциска зрелост.

Песната е резултат на соработка со проверен тим. Музиката и текстот се дело на Емел Франца и Демир Исиќ, додека аранжманот го потпишуваат Кристијан Јовановиќ и Срки Бои. Видеото, снимено на урбаните локации во Атина, носи визуелна енергија која совршено кореспондира со атмосферата на песната, под режисерска палка на Алекс Тасевски. Како и претходните два сингла и овој проект е реализиран во креативна симбиоза со Емел Франца, со кого Атанас гради уметнички континуитет.

Од мали нозе посветен на музиката, инспириран од семејна традиција и воден од природен талент, Атанас започнува со свирење уште на шестгодишна возраст. Публиката го препозна како вокал кој ја пренесува емоцијата искрено и длабоко. Со години активно настапува на живи свирки низ клубови, ресторани и приватни настани, постојано градејќи контакт со слушателите и сопствен сценски идентитет.

„Сакам музиката да биде моја трајна определба, моја мисија и љубов што ќе ја делам со публиката. Верувам во процесот, во Бог и во тоа дека трудот секогаш се исплати. ‘Манири’ е само нов почеток на една поголема приказна што допрва ја пишуваме“, вели Петров.

Со „Манири“, тој ја најавува следната фаза од својата кариера, амбициозна, професионална и полна со потенцијал.

Уживајте во „Манири“