Skip to main content
Македонија

Артан Груби не е државјанин на Албанија, потврдија од Тирана

26/12/2024  17:42

Артан Груби нема албанско државјанство, ниту пак постои запис во албанскиот службен весник кој би укажал дека го добил. Ова го објави истражувачката мрежа БИРН, која добила потврда од кабинетот на албанскиот претседател.

„Артан Груби нема албанско државјанство“, изјави Арта Сакја, советничка за медиуми на претседателот на Албанија.

Спекулациите дека Груби се наоѓа во близина на Драч се зголемија во последниве денови, додека тој веќе десет дена е недостапен за полицијата. Државата ја напуштил ден пред претресот во неговиот дом.

Кривичниот суд на 17 декември му одреди 30-дневен притвор, по што Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница. Неговиот адвокат, Владимир Доневски, побара укинување на притворот, но барањето беше одбиено.

Истрагата против Груби, поврзана со злоупотреби во Државната лотарија, е отворена по неговото ставање на црната листа на САД заедно со судијата Енвер Беџети, поради инволвираност во корупција.