Skip to main content
Македонија

Арсовска: Внук на градоначалник на Студеничани градел зграда на пет годишна возраст, Ганиу ја легализирал

27/06/2025  15:40

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со остар и саркастичен фејсбук статус упати сериозни обвинувања кон градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и поранешниот министер за образование, Ејуп Адеми. Таа тврди дека тие му овозможиле легализација на објект на лице кое, според поднесените документи, започнало да гради зграда на возраст од само пет години.

„Ова нема да го видите на Сител, Алфа или медиуми каде што се штити организираната криминална банда на Висар Ганиу,“ пишува Арсовска на почетокот од статусот, додавајќи дека на 20 мај 2025 година, Ганиу и Адеми му овозможиле легализација на Јасин Садики, кој, според податоците, поднел барање за легализација на шест години, за зграда што наводно ја изградил кога имал пет.

Арсовска посочува дека Јасин Садики е внук на Азем Садики, актуелен градоначалник на општина Студеничани, коментирајќи иронично дека „Азем сигурно е горд на достигнувањата на својот внук – и кој не би бил, кога би имал внуци што градат на пет години.“

Објавата ја придружува фотографија, за која Арсовска тврди дека е доказ за директна комуникација и договор помеѓу, како што ги нарекува, „насмеаните Вики и Азем“ околу контроверзната легализација.

До овој момент, нема официјална реакција од Висар Ганиу, Ејуп Адеми или Азем Садики во однос на обвинувањата изнесени од страна на Арсовска.

Ова е уште еден во низата јавни настапи на скопската градоначалничка, во кои ги обвинува локалните функционери од опозицијата за корупција и злоупотреба на службена положба.