
Со 18 гласа „за“, Советот на Град Скопје не го изгласа дневниот ред за вонредната седница, на која требаше да се расправа за дивоградбите низ Чаир, кои деновиве ги откриваше градоначалничката Данела Арсовска.
Имено, на оваа седница има две точки на дневниот ред – информација за ситуацијата со дивоградбите во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје и информација за преземените активности на Град Скопје во врска со евидентираните дивоградби во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје. Вонредната седница беше свикана на предлог на советничката група на СДСМ.
Од СДСМ ги обвинија советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека го препишале нивниот предлог и само смениле назив на општина.
– Ние си го искористивме деловничкото право, кога велам ние, мислам на седницата која ние ја баравме, а ВМРО-ДПМНЕ буквално препишува од нас. Ако ги погледнете двете барања за седница ќе видите дека се идентични, дури и една печатна грешка што ја оставив намерно, ја оставиле затоа што не ги бива ни за препишување. Значи, нашата седница ја свикуваме ние согласно член 60 од Деловникот – кога претседателот не ја свикува седницата на барање на советниџците тогаш советниците со 15 потписи имаат право да ја свикаат – појасни претходно координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
На седницата присуствува и градоначалничката Данела Арсовска, која пред почетокот на втората седница се јави за процедурално и констатира дека со таков однос на советниците смета дека тенденцијата им е да не се расправа за дивоградбите.