Skip to main content
Македонија

Арсовска: Јас ја донесов Олимпијадата, но МОК и Борко ја организираа – нека објаснат каде отидоа парите

27/07/2025  16:26

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше по повод организацијата на Европската младинска олимпијада 2025, која деновиве се одржува во главниот град. Таа потенцира дека токму таа ја донела Олимпијадата во Скопје, но во процесот на организација била целосно исклучена од страна на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Борко Ристовски.

„Јас ја донесов Европската младинска олимпијада 2025 во Скопје, но не ја организирав. Кога требаше да се отпочне, нè исклучија и ја организираа МОК и Борко Ристовски“, напиша Арсовска.

Таа посочи и дека слична ситуација може да се очекува и со титулата „Европска престолнина на културата 2028“, која, како што нагласи, исто така таа ја обезбедила за Скопје, но веројатно нема да биде дел од нејзината реализација.

„Град Скопје доби 0 денари и потроши 0 денари на Европската младинска олимпијада 2025, бидејќи не сме организатори. Да бевме, веројатно сами себе ќе се поканевме на церемонијата на отворање“, додаде градоначалничката.

На крајот од објавата, Арсовска упати прашање до МОК и до Борко Ристовски:

„Сега прашајте ги колку пари потрошија и на кои фирми ги поделија.“

Објавата на Арсовска доаѓа во време кога во јавноста има поделени мислења околу организацијата на настанот и транспарентноста на трошењето средства. Од МОК засега нема официјална реакција.