Skip to main content
Скопје

Арсовска: Фалсификати, дивоградби и молк од институциите – Чаир е симбол на беззаконие

01/08/2025  15:41

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, во две остри и директни објави на својот Фејсбук-профил го обвини градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, за сериозни злоупотреби, фалсификати и дозволување на нелегално градење со цел да се избегне плаќање на комуналии кон Градот.

„Висар Ганиу лаже, фалсификува, злоупотребува и овозможува на трети лица да се богатат преку градење згради СЕГА, кои ги претставува како изградени до 2011 година, со цел да избегнат плаќање комуналии“, обвини Арсовска, посочувајќи дека токму овие постапки го оштетуваат буџетот на Град Скопје и ги засилуваат стравот и несигурноста кај граѓаните на Чаир поради „небезбедни згради“.

Таа објави и фотографија од тековна градба за која тврди дека се наоѓа на државно земјиште и веќе е изградена до третата плоча, и тоа на целата површина од парцелата – без платени комуналии. „Ова не е дивоградба што му ја оставила баба му, ова се гради СЕГА,“ потенцираше Арсовска.

Градоначалничката најави дека ако Ганиу сака да ги види сите 150 небезбедни згради, „ќе ги види и тој и цела Македонија“, прашувајќи притоа дали Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе добие можност да ги види доказите или и понатаму ќе молчи.

Во втората објава, Арсовска изјави дека таа и администрацијата на Град Скопје имаат законска обврска да пријават кога има индиции за оштетување на буџетот или фалсификување службени документи, додавајќи дека во спротивно стануваат соучесници во криминалот.

„Во овој момент, со молкот се соучесници бројни институции, чија порака е јасна – дека во Чаир и за Висар Ганиу законите не важат“, пишува таа.

Арсовска повика на институционална реакција и транспарентна истрага, посочувајќи дека сѐ додека трае молкот, правната држава е девалвирана, а чесните граѓани се казнувани наместо заштитени.

Обвинувањата доаѓаат во период на засилени политички тензии и обиди за справување со урбанистичкиот хаос, особено во централните и гушени општини на Скопје како Чаир. Од Висар Ганиу засега нема официјален одговор.