
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска преку објава на својот фејсбук профил алармираше за, како што вели, бесправна експлоатација на коритото на реката Вардар во општина Аеродром, од страна на фирма која нема никакви дозволи, елаборати, ниту лиценци за работа, ниту пак за механизацијата што ја користи.
„Ова злодело против природата е и директна закана за здравјето на граѓаните,“ истакна Арсовска.
Според неа, зад активностите стои фирма од Долно Коњари, со која, како што наведува, се поврзани лицата Ќ. О. и неговиот брат. Градоначалничката обвинува дека додека вршеле нелегален ископ, тие упатиле и закани по нејзиниот и животот на нејзиното семејство – пред сведоци.
„Почитуван министер Тошкоски, ова сметајте го и за пријава против Ќ.О. и неговите соработници,“ стои во статусот, со најава дека и формално ќе биде поднесена кривична пријава.
Арсовска порача дека никој не се плаши, но оти очекува институциите конечно да постапат:
„Нека видиме дали ќе има акција или ќе продолжи неказнивоста која ги прави овие луѓе да се чувствуваат недопирливи.“
Таа информираше дека за случајот се веќе известени Министерството за животна средина, МВР и другите надлежни институции, а на терен, како што вели, ситуацијата изгледа „како во прашумите на Амазон – но во Скопје“.