
Апелациониот суд Скопје ја поништи одлуката на Граѓанскиот суд со која беше забранет штрајкот на контролорите на летање во државното претпријатие М-НАВ. Забраната ја донесе судијката Сашка Трајковска зад затворени врати, без одржување расправа и без да им се даде можност на контролорите да ги презентираат своите аргументи. Со одлуката на Апелација, Синдикатот на контролорите може веднаш да започне со штрајкот.
Овој штрајк првично беше закажан за 20 октомври 2025 година, меѓу двата изборни круга, што според Синдикатот било причина директорите тогаш да наоѓа начини да го спречи. Од Синдикатот тврдат дека токму поради политички притисок судијката постапила спротивно на процедурата и без основ го забранила штрајкот. Најспорниот момент за Апелација е фактот дека судијката донела времена мерка иако такво барање во тужбата воопшто немало.
Совет од тројца судии на Апелациониот суд утврдил дека е повреден член 2 од Законот за парнична постапка, притоа критикувајќи ја судијката дека направила „сопствена правна конструкција“ и од нешто што не било побарано — самата извлекла заклучок дека треба да одреди привремена мерка „забрана за штрајк“. Поради тоа предметот е вратен на повторно судење во Граѓанскиот суд Скопје.
Апелација во своето образложение нагласува дека првостепениот суд не дал јасни причини зашто тужбата би се третирала како предлог за времена мерка, ниту пак навел правна основа за својата интервенција.
Штрајкот на контролорите на летање беше најавен за 20 октомври, ден по првиот круг од локалните избори, со намера да не се преклопи со гласањето. Барањата на контролорите се стари и датираат уште од времето на претходната власт, меѓу кои се обвиненијата за партиски вработувања, лоши услови за работа и трошење средства за несуштински намени, наместо за опрема и подобри технички услови.
Менџментот на М-НАВ во тужбата го оспорува легитимитетот на Синдикатот, тврдејќи дека не била спроведена законската обврска за постапка за помирување, дека барањата не се од работен однос и дека со штрајкот би била загрозена безбедноста на авионскиот сообраќај. Но Синдикатот категорично ги демантира овие обвинувања.
Самиот тек на судската постапка буди дополнителни сомнежи. Расправата требаше да се одржи на 17 октомври, но судијката Трајковска ден претходно, на 16 октомври, сама донела решение за забрана на штрајкот и го откажала рочиштето. Ова се случува само два дена пред изборите, а штрајкот требаше да почне веднаш по нив.
Кон средината на овој месец е закажано повторното судење во Граѓанскиот суд, кога контролорите конечно очекуваат да бидат повикани за да ги изнесат своите аргументи. Апелација со одлуката ѝ наложува на судијката да ги следи упатствата и да постапува согласно законот.
На денот кога требаше да се одржи расправата, Синдикатот презентираше повеќе од 40 документи кои планираше да ги изнесе пред судот, документи што, велат тие, ја разобличуваат неправилната постапка. Претседателот на Самостојниот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, изјави дека воопшто не бил известен дека М-НАВ поднел тужба, ниту пак добил покана од судот за расправа.
Тасевски објасни дека Синдикатот детално ги документирал сите чекори во постапката за помирување уште од 2023 година, кога, како што вели, „буквално молеле“ за средба со помирувач. Спогодбата од 2023 година, која никогаш не е целосно реализирана, останува главна причина за штрајкот. Во неа се содржани нерешени прашања за работни услови, третата смена, анализата на потребни вработувања, барањето за нов радар, нов софтвер и модерна опрема — контролорите и денес работат на системи стари повеќе од две децении.
„Новата менаџерска структура буквално го стопираше спроведувањето на спогодбата. Обидоа да се прогласат за ненадлежни, бидејќи била потпишана со старото раководство. Но тоа не е оправдување да не се испочитуваат правата на работниците“, истакна Тасевски.
Тој додаде и дека во М-НАВ и натаму има недостаток на вода, поради што контролорите се принудени да одат во околните кафулиња или во објектите на ТАВ. Според него, сите повреди на работничките права и процедурите кои се прекршени, конечно ќе бидат презентирани пред суд.
Со укинувањето на забраната од Апелација, контролорите на летање добија простор да го продолжат синдикалниот притисок, додека М-НАВ и Граѓанскиот суд повторно ќе мораат да ја докажуваат својата постапка – овој пат транспарентно и согласно законот.

