
Откако видовме дека пропадна првичниот план за владино прикривање и откако увидовме дека јавниот притисок вродува со плод (преку примерите до градоначалникот и полициските началници), мораме упорно и секојдневно да продолжиме со правно обезличување на секој обид да се заташка истрагата со цел да се заштитат нивните партијаши и клиенти.
Затоа, денес ќе ја разгледаме улогата на ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ (скратено ДПИ) во трагичниот случај со дискошталата во Кочани, во кој ни загинаа 60 (шеесетмина) младинци…
Согласно чл. 8 од посебниот Закон за Државен пазарен инспекторат (Сл. весник на РМ бр. 24/2007), кој досега е менуван и дополнуван 15 пати, токму ДПИ е изрично надлежен за „изрекување инспекциски мерки со цел отстранување на утврдени неправилности”!
Дополнително, во Законот за угостителската дејност (2004), како lex specialis за диско-клубови и кабареа, Државниот пазарен инспекторат е споменат дури 40 пати! Со букви: ЧЕТИРИЕСЕТ ПАТИ!
Оттука, нејасно е зошто премиерот Мицкоски, министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски и колегите од Основното јавно обвинителство Кочани го поштедиле од истрага и не му дале својство на „осомничен” и „обвинет” на АКТУЕЛНИОТ В.Д. ДИРЕКТОР НА ДПИ – Влатко Стојкоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ!? Типчево е на функција од месец ноември 2024, што значи имал сосема доволно време ,,ex officio” да преземе службено дејствие кое не го презел.
,,Argumentum a fortiori”, ова дотолку повеќе има смисла, ако се знае дека поранешниот директор на ДПИ е осомничен и веќе е во притвор.
Или да ви објаснам, ,,per analogiam”, што, всушност, прават и како ја замајуваат јавноста со првични апсења: ова би било исто како за кривично дело „убиство” сторено со пиштол, да го обвините производителот на пиштолот во фабриката, а не и непосредниот извршител кој го повлекол чкрапалото!?