
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по завршувањето на лидерската средба оцени дека тоа било прво конструктивно издание на ваков тип состанок. Од политичките теми, како најзначајна, Апасиев го издвои Изборниот законик и најави дека начелно е договорено новиот закон да се донесе до крајот на јуни. Дискусиите ќе продолжат на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието и со некои министри од Владата.
Апасиев исто така истакна дека Левица предложила обесштетување на семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, но не наишле на слух. Како што објасни, дел од одговорите биле дека станува збор за приватен објект, а не јавен како модуларната болница во Тетово, а дел биле поврзани со доволни проекти за самиот град.
„Сметаме дека тоа сè уште не е доволно и ќе инсистираме понатаму, но ова е сензитивна тема и за тоа не инсистиравме толку, бидејќи средбата помина во конструктивна атмосфера, што за мене е изненадувачки“, рече Апасиев.
