
Центарот за истражување и анализа (ЦИА) спроведе теренско испитување на јавното мислење во општина Карпош во пресрет на локалните избори.
Истражувањето на јавното мислење, е спроведено од 23.07-29.07.2025 година на 1.157 испитаници на територијата на општина Карпош.
Како истражувачки инструмент е користен Прашалник од 14 прашања, а интервјуирањето на граѓаните е спроведено со применување на техниката „лице в лице“ со директен контакт со испитаниците по пат на случаен избор и случајна средба со испитаникот.
Одговарајќи на прашањето „Дали сте задоволни од досегашната работа на градоначалникот на Карпош?“ 57 проценти од испитаниците одговориле ДА, 28 проценти одговориле со НЕ, додека 15 проценти со НЕ ЗНАМ.

Од интервјуираните испитаници 62% одговориле дека ќе излезат на гласање на локалните избори, но она што е интересно е што високи 48% или половина од сите испитаници сметаат дека изборите нема да бидат фер и демократски.


Што се однесува до персоналната понуда и личните рејтинзи, во анкетите понудени беа кандидатите за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, како и актуелниот градоначалник на општината.
На прашањето „За кој од долунаведените кандидати за градоначалник би го дале својот глас?“ 34% од испитаниците го кажале името на актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, 18% би гласале за Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ, 12% за кандидатката од СДСМ, Маја Мојсова.

17 проценти од испитаниците не знаат за кого ќе гласаат, 14 проценти за ниту еден од наведените, а 6 проценти одговориле дека би гласале за друг кандидат.
Во однос на преференците за советнички листи, 25% одговориле дека ќе гласаат за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 16% за листата предводена од СДСМ, 11 проценти за Левица, шест проценти за ГРОМ, додека со одговор за ниту еден одговориле една петтина од испитаниците односно 24 проценти.

Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг ќе се одржи на втори ноември.
Засега како претеденти за градоначалник на Карпош се појавија Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Маја Мојсова од СДСМ.
Кандидатурите до Државната изборна комисија се доставуваат најдоцна до 13 септември, а Комисијата во рок од 24 треба да ги официјализира истите.