Skip to main content
Македонија

Анкета: Ефикасно справување на надлежните институциите со последиците од трагедијата во Кочани

27/04/2025  10:00

Ефикасно беше справувањето на надлежните институции во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани. Особено е висок процентот на граѓани кои сметаат дека здравствените власти успешно реагирале на големиот број повредени од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. Ова се дел од резултатите на истражувањето на јавното мислење во Македонија на МКД.мк, кое го спроведе агенцијата Маркет вижн.

Две третини од испитаниците сметаат дека надлежните институции ефикасно се справија со последиците од трагедијата во Кочани. 35,3 отсто од испитаниците велат дека одговорот на надлежните институции на оваа трагедија бил неефикасен.

Повеќе од 70 отсто од испитаниците сметаат дека здравствените власти ефикасно се справија со големиот број на повредени во пожарот во Кочани. Процентот на незадоволните граѓани од здравствените власти е 21,8%.

И во однос на истрагата, работата на МВР и на обвинителството за утврдување на одговорноста за трагедијата во Кочани, висок е процентот на граѓаните (53,1%) кои велат дека надлежните брзо и ефикасно се справуваат. Негативен одговор на ова прашање дале 32,8 отсто од испитаниците.

Најголем дел од испитаниците изјавиле дека забележуваат активности во борбата против организираниот криминал. Во градацијата на одговорите на прашањето за оценката за борбата против организираниот криминал, повеќе од 60 отсто од испитаниците сметаат дека борбата е интензивна и континуирана, дека има активности, ама треба повеќе и дека забележливи се активностите ама не се доволни. Негативен одговор на ова прашање дале 23,2 отсто од испитаниците.

Анкетирањето беше спроведено од 20 март до 17 април со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%).

Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.