Skip to main content
Македонија

Ангелов: Ниту во најлошите претпоставки не можев да замислам ваква трагедија – сцените беа страшни

27/03/2025  00:11

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, вечерва во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 зборуваше за трагедијата во Кочани, реакцијата на институциите и плановите за реформа во системот за заштита и спасување. Тој најави формирање на нова, единствена институција која ќе ги обедини ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел подобра координација и поефикасно справување со кризни ситуации.

Нова институција за подобра заштита на граѓаните

Според Ангелов, Владата веќе работи на интегрирање на двата постоечки органи во една силна институција, но процесот бара време и законски измени.

„Основниот курс на Владата е формирање на силна институција која ќе ги обедини ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. ЦУК веќе управува со сите државни ресурси во случај на кризна состојба, а кај нас функционира и бројот 112, кој беше клучен за реакцијата при несреќата во Кочани. Процесот на создавање на нова институција тече, но бара време, бидејќи мора да се направат законски измени со двотретинско мнозинство“, изјави Ангелов.

Тој објасни дека сегашниот правен систем не предвидува посебна категорија „кризна состојба“, туку постојат само „вонредна“ и „воена состојба“, што дополнително ја усложнува ситуацијата при големи катастрофи.

„Во петок закажавме наредна средба со премиерот за да го забрзаме процесот. Ќе треба да направиме сериозни правни измени, бидејќи во Уставот не постои кризна состојба, а тоа е нешто што мора да се реши“, нагласи тој.

Трагедијата во Кочани – системски пропусти и брза реакција

Ангелов детално зборуваше за трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека бил на лице место и лично видел колку била тешка ситуацијата. Според него, катастрофата има два аспекти – системските пропусти пред избувнувањето на пожарот и брзата реакција на институциите откако огнот се проширил.

„Првиот дел, пред избувнувањето на пожарот, покажа катастрофални системски пропусти. Но, откако избувна пожарот, институциите реагираа брзо. Првиот аларм го добија пожарникарите во Кочани, а ЦУК доби повик од вознемирена мајка, која на едниот телефон ја имаше нејзината ќерка која беше заглавена во објектот, а на другиот телефон зборуваше со нас. Веднаш бев информиран и првата проценка беше дека состојбата е критична“, изјави Ангелов.

Тој истакна дека веднаш стапил во контакт со градоначалникот на Кочани, барајќи од него да се упати на местото на настанот.

„Ниту во моите најлоши претпоставки не можев да замислам ваква трагедија. Кога пристигнав, видов страшни сцени. Градоначалникот на Кочани беше во шок, зборуваше само дека ова е катастрофа. Директорката на болницата беше вџашена од бројот на жртвите. Ја замолив да направи напор и да ги преброи починатите и повредените. Првата бројка што ми ја кажа беше 43 починати, а потоа бројката се зголеми на 59. Тоа беше огромен шок за сите“, раскажа Ангелов.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, бил веднаш информиран и за кратко време пристигнал на местото на настанот, а потоа и премиерот.

Државата даде максимум, но реформите се неопходни

Според Ангелов, институциите постапиле со максимална мобилизација во одговорот на трагедијата, но системските слабости мора итно да се решаваат за да се избегнат слични катастрофи во иднина.

„Одговорот кој нашата држава го пружи беше максимум во тие околности, но мораме да научиме лекција од оваа трагедија. Ние веќе работиме на реформи за да создадеме единствена институција за заштита и спасување, која ќе може побрзо и поефикасно да реагира во вакви ситуации“, заклучи Ангелов.

Формирањето на оваа институција, според него, ќе биде чекор кон посигурен систем за справување со кризни состојби, кој ќе може да одговори на предизвиците со брза реакција и подобра координација.