
Здружението на жени менаџерки „Елит” ја одржа петтата свечена церемонија за доделување на престижната награда „Жена Лавица 2025″, во рамки на месецот посветен на претприемништвото. Настанот е во согласност со мисијата на „Елит”– унапредување на женското претприемништво и лидерство како значајни двигатели на развојот во македонската економија.
Од осумте силни и успешни жени лидерки номинирани за наградата, членките на ЗЖМ „Елит” транспарентно, преку тајно гласање ја избраа Анета Антова Пешева за „Жена Лавица 2025″.
Пешевa е добро познатa и високо ценетa во бизнис заедницата, дипломатските кругови и филантропијата. Таа претставува симбол на храброст, визија и истрајност – жена која со личен пример го трасира патот за идните генерации лидерки. Нејзината посветеност, интегритет и несебичен ангажман за подобро утре ја прават силна инспирација за жените во бизнисот.
На свеченоста, „Елит” додели и признание за „Животно дело” на Савка Тодоровска за нејзиниот повеќедецениски придонес во унапредување на родовата еднаквост, јакнењето на правата на жените и борбата против насилството врз жените. Признанието претставува благодарност за нејзината визија, истрајност и долгогодишна посветеност.
Врз основа на активното учество во реализацијата на програмските активности и промовирањето на женското лидерство, на три членки на „Елит” им беа доделени благодарници.
На настанот беа промовирани и седум нови членки – успешни жени лидерки кои со своето приклучување го прошируваат капацитетот на „Елит”, како организација што ја поддржува афирмацијата и растот на жените во бизнисот и општеството.
„Со постојана надградба, посветеност и личен пример можеме да ги надминеме бариерите кои сè уште постојат во нашето општество. Заедно, жените може да бидат двигателки на промените, моќен глас што создава подобра и порамноправна иднина за сите”, порача на свеченоста, Ленка Угринувска, претседателка на „Елит”.
