Skip to main content
Македонија

Андоновски: Централниот регистар нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија

24/09/2025  14:21

Централниот регистар беше меѓу првите институции кои се приклучија на платформата на интероперабилност и денес таа размена на информации меѓу институциите се одвива на стандарден, безбеден и унифициран начин, овозможувајќи услуги без хартија, без чекање и без непотребна бирократија. Централниот регистар на платформата за интероперабилност на месечно ниво прави над 100 илјади трансакции, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на одбележувањето 24 години Централен регистар. 

Централниот регистар е институција која веќе 24 години е важен двигател на македонската економија. Министерството за дигитална трансформација го гледа регистарот како еден од клучните партнери и носител на визијата за модерна, транспарентна и дигитална држава. Тој нагласи дека, во изминатите две децении, Централниот регистар се издигнал како симбол на ефикасна администрација, управувајќи со десетици регистри и нудејќи над 100 услуги, а е и првата адреса за сите кои сакаат да започнат бизнис во Македонија.

Андоновски истакна дека за да се создаде просперитетна држава каде дигитализацијата го подобрува животот на граѓаните, ја зајакнува борбата против корупцијата, привлекува странски инвестиции и овозможува иновации, потребно е да се вложува во модерни и дигитализирани институции.

Во последните 12 месеци, Централниот регистар разви каталог на услуги за корисниците и ја интегрираше електронската идентификација преку профилот на uslugi.gov.mk, приближувајќи ја Македонија кон европскиот модел за електронски услуги.

Со Централниот регистар, посочи Андоновски, заеднички работиме на идните развојни чекори во насока на целосна дигитализација на услугите, уште поголема интеграција со европските системи и создавање на услови каде младите претприемачи и инвеститорите ќе добиваат брза, сигурна и транспарентна услуга.