Skip to main content
Спорт

Анчелоти го повика Нејмар да се подготви за Мундијалот 2026

27/06/2025  10:25

Селекторот на фудбалската репрезентација на Бразил, Карло Анчелоти, го повика Нејмар добро да се подготви за Светското првенство во 2026 година, нагласувајќи дека тој е „многу важен играч“ и покрај бројните повреди.

„Тој мора добро да се подготви и да има доволно време за тоа“, рече Анчелоти во интервју за Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ).

Триесетитригодишниот Нејмар во вторникот се договори со бразилски Сантос да остане во клубот до крајот на годината, продолжувајќи го својот втор мандат во клубот каде што порасна и каде што се врати на крајот на јануари. Сепак, како и периодот додека настапуваше за ПСЖ (2017-2023) и саудиски Ал-Хилал, ова враќање беше обележано со чести повреди.

„Тој е играч кој е исклучително важен за нас пред Светското првенство“, додаде Анчелоти.
Нејмар одигра само 12 натпревари во последните пет месеци во сите конкуренции, постигнувајќи три голови во првенството на Сао Паоло. Во бразилското националното првенство настапи на четири од 11 натпревари на својот тим.

Нејмар, кој е најдобар стрелец во историјата на Бразил со 79 голови (два повеќе од Пеле), иако беше поканет во репрезентацијата за натпреварите со Колумбија (2:1) и Аргентина (1:4) во март, не се појави во националниот тим поради нова повреда на бутот.