Skip to main content
Култура

Ана и Игор Дурловски ќе одбележат 25 години оперска кариера со новогодишен концерт во Скопје

09/11/2025  19:53

Ана и Игор Дурловски на 17 декември во Националната опера и балет ќе одбележат 25 години оперска кариера со новогодишен концерт, на кој ќе настапи симфонискиот оркестар „Ајга” под диригентсво на Ана Спасовска. 

Познатата оперска двојка на македонската сцена ќе изведат избор љубовни песни од македонската музичка традиција, во нови аранжмани кои за оваа пригода ги направи композиторот Сони Петровски.

-Нивната навидум едноставна лирика, полна со скриени пораки, нивната звучна колоритност, како и силната експресија на народниот бит врежан во нашата колективна меморија, едноставно – нивната магија, овојпат ќе биде донесена во едно поинакво руво. Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, онаа остварената, но и неостварената, копнежот, страста, а од друга страна зависта, па и болеста и смртта, или чувството на љубовта во сите нејзини варијанти, ќе биде испеано од славните оперски грла на Ана и Игор Дурловски. Уникатноста на овој музички настан ја дава токму спојот на италијанското белканто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика, стои во најавата за концертот.

Концетот по повод четврт век уметничка дејност, Дурловски го најавија и со видеопорака на фејсбук од Златната сала во „Музикферајн“ во Виена каде што неодамна беа солисти на концертот на Македонската филхармонија. 

-По настапите во Осака и Виена, со особена гордост ви го најавуваме нашиот концерт 25 години на сцена во Скопје. Заедно со Ана Дурловски, на 17 декември во 20 часот во Македонската опера и балет, ќе ги изведеме најубавите македонски љубовни песни, во придружба на големиот симфониски оркестар “Ајга”, а диригира нашата Ана Спасовска, кажаа Дурловски во објавата.