Skip to main content
Македонија

Ампева до работниците во „Артекс“: Не потпишувајте нешто, обезбедена е правна поддршка!

03/04/2026  21:50

Конфекцијата „Артекс“ престанува со работа, а вработените се соочиле со спогодбени решенија за раскин на работниот однос, кои им биле врачени на влезот од фабриката. Револтирани од ваквиот начин, тие одбиле да ги потпишат документите и најавија дека ќе останат пред објектот сè додека не им бидат исплатени заостанатите плати и К-15.

На ситуацијата реагираше Кристина Ампева од Гласен текстилец, која информира дека на работниците им е обезбедена правна поддршка и апелираше да не потпишуваат никакви документи.

Според неа, веќе се известени надлежните институции, вклучително и трудовиот инспекторат, а најавено е и вклучување на Управа за јавни приходи.

Ампева посочи дека станува збор за компанија со долгогодишни проблеми, при што постојат информации за сложена сопственичка структура и имот под хипотека. Таа изрази сомнеж дека без финансиски средства и активен имот, судската постапка би дала резултат.

Дополнително, таа алармираше за наводи за фалсификувани потписи, што, како што вели, може да укажува на сериозни законски прекршувања. Побара итна реакција од институциите, вклучително и финансиските и истражните органи, за да се утврди каде завршиле средствата, особено оние добиени од државниот буџет.