
Во несекојдневен инцидент што предизвика загриженост за безбедноста на доверливите информации, американскиот новинар Џефри Голдберг, кој работи за магазинот „Атлантик“, бил по грешка додаден во групен разговор на апликацијата Сигнал, каде што високи функционери на американската влада дискутирале за воени операции во Јемен.
Според Голдберг, групниот разговор вклучувал високи претставници на администрацијата, меѓу кои потпретседателот Џеј-Ди Венс и министерот за одбрана Пит Хегсет. Новинарот тврди дека во дискусијата биле споделени чувствителни воени информации поврзани со планираните напади врз хутските бунтовници, кои контролираат големи делови од Јемен и се воен противник на САД и нивните сојузници.
Како дошло до грешката?
Голдберг изјави дека ненамерно бил додаден во групниот разговор откако добил барање за поврзување од Мајк Волц, кој работи како советник за националната безбедност во Белата куќа. „Се чини дека ме додадоа по грешка. Додека го следев разговорот, стануваше јасно дека станува збор за доверливи информации што не требаше да ми бидат достапни. Ако тие сакаа да изберат погрешен број, барем тоа не беше некој што ги поддржува Хутите, бидејќи содржината на разговорот потенцијално може да ги загрози животите на американските службеници вклучени во операцијата“, изјави Голдберг.
Откако сфатил за што станува збор, новинарот веднаш ја напуштил групата и подоцна објавил текст во „Атлантик“ за овој инцидент.
Белата куќа и Трамп без конкретен одговор
Овој безбедносен пропуст предизвика загриженост за тоа како високите функционери во американската влада ракуваат со чувствителни информации. Белата куќа сè уште нема официјално објаснување за инцидентот, а претседателот Доналд Трамп изјави дека не бил запознаен со случајот.
„Нападите врз хутите беа крајно успешни и делотворни. Претседателот Трамп и натаму има целосна доверба во својот тим за национална безбедност“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, без да даде коментар за безбедносниот пропуст.
Овој случај повторно отвора прашања за сајбер-безбедноста и начинот на кој американските власти управуваат со доверливи комуникации, особено во време на засилени меѓународни тензии и воени конфликти.