
Арапските и муслиманските земји вчера остро ги осудија изјавите на американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, кој тврдеше дека Израел има право на голем дел од Блискиот Исток, пишува Асошиејтед Прес .
Хакаби ги даде контроверзните коментари во интервју со конзервативниот коментатор Такер Карлсон, кое се емитуваше во петокот. Карлсон рече дека според Библијата, потомците на Авраам треба да добијат земја што би го опфаќала речиси целиот Блиски Исток денес, а потоа го праша амбасадорот дали Израел има право на територијата.
„Екстремистичка реторика“
„Би било во ред ако го земат сето тоа“, одговори Хакаби, но додаде дека Израел не сака да ја прошири својата територија и дека има право на безбедност на земјиштето што легитимно го поседува. Неговите изјави предизвикаа непосредна и остра реакција од соседните Египет и Јордан, Саудиска Арабија, Кувајт, Оман, Организацијата за исламска соработка и Арапската лига.
Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија ги опиша коментарите на Хакаби како „екстремистичка реторика“ и „неприфатливи“ и го повика Стејт департментот да ја разјасни својата позиција. Министерството за надворешни работи на Египет ги нарече неговите изјави „отворено кршење“ на меѓународното право, додавајќи дека „Израел нема суверенитет над окупираната палестинска територија или други арапски земји“.
„Ваквите изјави – екстремистички и без никаква основа – служат само за разгорување на страстите и поттикнување на религиозните и националните чувства“, соопшти Арапската лига. Досега нема официјална реакција од Израел или САД.
Ставовите на амбасадорот
Хакаби, евангелистички христијанин и силен поддржувач на Израел и движењето за населување на Западниот Брег, долго време се спротивставува на идејата за решение со две држави. Во едно интервју минатата година, тој изјави дека не мисли дека арапските потомци на луѓето што живееле во Палестина под британска власт треба да се нарекуваат „Палестинци“.
Во последното интервју, Карлсон го прашал Хакаби за толкување на библиските стихови од Книгата Битие, каде што, како што рекол, Бог им ја ветил на Авраам и на неговите потомци земјата од Нил до Еуфрат.
„Тоа би бил Левант, значи Израел, Јордан, Сирија, Либан. Тоа би вклучувало и големи делови од Саудиска Арабија и Ирак“, рече Карлсон. Хакаби одговори: „Не сум сигурен дека би отишле толку далеку. Мислам, тоа би било огромен дел од земјата.“

