
Американската воздухопловна и вселенска компанија Maxar Technologies повторно ѝ обезбеди на Украина пристап до услугата Global Enhanced GEOINT Delivery (GEGD), што уште еднаш му даде можност на Киев да користи комерцијални сателитски снимки со висока резолуција, објави денеска украинскиот медиум „Милитарњи“, повикувајќи се на корисници на услугата.
Украина се потпира на таквите снимки за одбранбено и стратешко планирање, вклучително и следење на движењата на руските сили, проценка на условите на бојното поле и следење на штетите на руската инфраструктура.
Според извори на „Милитарњи“, обновувањето на програмата значи дека Украина повторно може да пристапи до клучните сателитски разузнавачки информации за одбранбените операции.
Оваа одлука доаѓа по вчерашните разговори меѓу САД и Украина во Џеда, каде Вашингтон се согласи да ја обнови клучната воена и разузнавачка поддршка за Украина. „Милитарњи“ на 7 март објави дека Maxar го ограничил пристапот на Украина до своите сателитски снимки, повикувајќи се на неименувани корисници.
Компанијата подоцна ја потврди суспензијата во изјава за Киев Индипендент, објаснувајќи дека ограничувањата се однесуваат само на снимките достапни преку програмите на американската влада.
Директорот на ЦИА Џон Ретклиф на 5 март изјави дека САД го прекинале споделувањето разузнавачки информации со Украина, што се толкува како притисок врз Киев да се согласи на мировни преговори со Русија.