
Руската нафтена компанија „Лукоил“ денеска соопшти дека постигнала договор за продажба на поголем дел од својот странски капитал, во вкупна вредност од околу 22 милијарди долари, на американската приватна инвестициска компанија „Карлајл груп“, со одобрение од владата на Соединетите Американски Држави.
Како што објави руската новинска агенција ТАСС, договорот предвидува продажба на „Лукоил Интернешнл ГмбХ“, единицата преку која компанијата управува со своите средства во странство.
Од „Лукоил“ наведуваат дека договорот не е ексклузивен и дека неговата реализација зависи од исполнување на низа услови-преседани, меѓу кои и добивање на неопходните регулаторни одобренија. Тоа вклучува и дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД за спроведување на трансакцијата со „Карлајл“.
„Карлајл груп“ е американска мултинационална компанија за приватен капитал, управување со алтернативни инвестиции и финансиски услуги, со средства под управување во износ од околу 426 милијарди долари. Компанијата е основана во 1987 година во Вашингтон и со децении важи за еден од најголемите и највлијателни глобални инвестициски играчи.
„Карлајл“ инвестира во широк спектар сектори, меѓу кои приватен капитал, недвижности и приватен кредит, а историски е позната и по големи аквизиции во одбранбената индустрија и договори за откуп со левериџ. Меѓу нејзините позначајни инвестиции се компании како „Јунајтед дефанс индустрис“, „Херц“, „Киндер Морган“, „Фрискејл семикондактор“ и „Нилсен“.
Компанијата има речиси 2.200 вработени и работи преку 28 канцеларии на четири континенти, а со текот на годините изгради репутација на инвеститор способен да управува со сложени и обемни меѓународни трансакции.
