
Шпанецот Карлос Алкараз се пласираше во осминафиналето на турнирот АТП Мастерс 1000 на земјена подлога во Рим, по победата од 7-6, 6-2 над српскиот тенисер Ласло Ѓере.
Ѓере испушти голема можност во првиот сет кога при водство од 6-5 во гемови сервираше за 1-0 во сетови. Меѓутоа, третиот тенисер во светот направи брејк, израмни на 6-6 и доминантно го доби тајбрејкот.
Пред вториот сет, Ѓере побара помош од физиотерапевт поради проблем со раката, а Алкараз лесно го приведе натпреварот кон своја победа.
Во осминафиналето, Алкараз ќе се соочи со рускиот тенисер Карен Качанов, кој загуби само три гема во натпреварот од третото коло оваа недела, против домашниот тенисер Франческо Пасаро со 6-3, 6-0.