Skip to main content
Спорт

Алкалоид ги стартуваше подготовките

21/07/2025  21:11

Ракометарите на Алкалоид, кои се актуелни освојувачи на ЕХФ Европскиот куп попладнево ги стартуваа подготовките за новата сезона. На собирот во салата Автокоманда присуствуваше и им се обрати и Генералниот директор / Претседател на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, г-дин Живко Мукаетов,кој им посака среќа и успех во претстојната сезона.

Тренерот Кирил Лазаров на располагање ќе има 23 играчи, а на собирот денеска беа и повредените Марко Митев и Никола Костески кои сѐ уште се во фаза на рехабилитација и ќе тренираат со посебен режим. Според тоа и кога ќе бидат подготвени во есенскиот дел ќе треба да се приклучат на екипата.

Инаку, ново име е левото крило 25-годишниот Исланѓанец Улфор Пал Монси Тордарсон, кој доаѓа од екипата на Валур од Исланд. Тимот за време на паузата го напуштија Французинот Арно Бинго, Михајло Младеновиќ, како и Костадин Петров кој ќе настапува за Мулти Есенс, додека му трае рехабилитацијата.

Првата фаза од подготовките ќе се одработи во Скопје, потоа ќе следуваат десетдневни подготовки во Маврово и следува мини турнеја во Србија и Хрватска во која се планирани осум контролни натпревари со екипи од Србија, Хрватска и Словенија.

Алкалоид првиот официјален натпревар го игра на 31.август против бундеслигашот Хановер во квалификациите од Лига Европа, а реваншот е седум дена подоцна во Скопје.