
Преку нашиот долгогодишен партнер, Црвениот крст, компанијата одлучи да донира 15 милиони денари за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства засегнати од стравичната трагедија во Кочани, информираа денеска од компанијата Алкалоид од каде упатија благодарност до Црвениот крст и до секој од нивните 165 ангажирани волонтери.
„Со изрази на висока почит кон покажаната хуманост на македонските државјани од земјава и од странство, како и кон сите пријателски и добронамерни гестови од поединци и организации во земјава и ширум светот, Алкалоид се приклучува кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани. Преку нашиот долгогодишен партнер, Црвениот крст, компанијата одлучи да донира 15 милиони денари за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства засегнати од стравичната трагедија во Кочани. Алкалоид упатува благодарност до оваа организација и до секој еден од нивните 165 ангажирани волонтери, кои безрезервно помагаа во бројни ситуации“, велат од Алкалоид.
Од компанијата искажуваат посебна благодарност и до сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, „кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија“.
„Алкалоид од 16 март наваму, во неколку наврати, симболично им помогна на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман, во делот на пројавените потреби. Покрај горенаведената финансиска донација преку фондот на солидарност на Црвениот Крст, компанијата ќе продолжи да помага онаму каде е потребна помош и поддршка“, велат од Алкалоид.
Оттаму изразуваат длабоко сочувство до семејствата на настраданите и искрено жалење за ненадоместливите загуби.
„Истовремено, упатуваме искрени желби за брзо закрепнување на повредените кои се лекуваат во земјава и во странство. За крај, би сакале да ги поздравиме напорите за помош на сите поединци и организации, кои со сопствени ресурси и несебични ангажмани придонеле и придонесуваат за поефикасно справување со трагичните последици. Понекогаш, и мал гест или убав збор за утеха и поддршка може да направи голема разлика“, велат од оваа фармацевтска компанија.