Skip to main content
Македонија

Алиу – Тошковски: Граѓаните да не користат пиротехнички средства, тие не се играчка, последиците се сериозни

05/01/2026  13:55

Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи упатија апел до граѓаните да се воздржат од употреба на петарди и друга пиротехника, бидејќи тие не се играчка и можат да предизвикаат сериозни, трајни и неповратни повреди. Институциите повторуваат дека празниците треба да бидат време за радост и создавање убави спомени – без ризик по здравјето и безбедноста.

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција информираше дека за новогодишната ноќ биле хоспитализирани седум лица со повреди од употреба на пиротехнички средства.

– Пораката мора да се повторува секоја година, затоа што последиците од недозволената употреба на пиротехнички средства и понатаму се опасни. За новогодишната ноќ двајца возрасни и пет деца беа хоспитализирани поради посериозни повреди на прстите, при што кај дел од нив беше извршена ампутација. Три деца беа примени во Ургентниот центар, две на Детската клиника и двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија. Фактот дека меѓу повредените има деца, а кај дел од нив е направена ампутација, јасно зборува за сериозноста на последиците – рече министерот Алиу.

Tој упати апел до граѓаните да не се користат пиротехнички средства за преостанатиот дел од празниците, бидејќи, како што рече „петардите не се играчка, нивното користење е забрането и може да предизвика сериозни повреди“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека институциите системски пристапиле кон проблемот и информираше дека во 2025 биле запленети над 252 илјади парчиња пиротехника, а 32 лица биле лишени од слобода. Во една од последните акции, како што рече, биле одземени над 35 тони пиротехнички средства, а приведен бил и полициски службеник.

– „Кажи не на пиротехника“ е кампања која претставува конкретен пример како координираното дејствување на институциите може да има влијание врз здравјето и безбедноста на граѓаните, а особено на најмладите – рече Тошковски.

Тој апелираше родителите да не дозволуваат пристап на децата до пиротехнички средства, бидејќи, како што рече, последиците од нивната употреба можат да бидат трајни и неповратни.

Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, потсети дека кампањата „Создавај спомени без повреди“ се спроведува деветта година по ред.

– Да дадеме порака кон сите, кон целиот наш народ – да имаме убави спомени, а да немаме повреди, да сме сите здрави – порача таа.

Сподели дека кампањата во декември 2025 година опфатила 13.659 ученици од 135 основни и средни училишта низ 26 градови во Македонија, со едукативни предавања и практични примери.