
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави серија протести и масовна поддршка за ексминистерот за економија, Крешник Бектеши, доколку биде обвинет за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени. Во интервју за „Слободен печат“, Ахмети изјави дека ќе излезе на улица и нема да се врати додека не се испровоцираат предвремени парламентарни избори, како дел од протестите за неселективна правда.

Ахмети истакна дека поддршката за Бектеши ќе биде голема и дека ќе организира редовни протести, на кои ќе присуствуваат над 10.000 членови на ДУИ и поддржувачи. Тој нагласи дека не само што ќе се бори за правдата за Бектеши, туку и за правдата за загинатите и повредените во трагедијата во Кочани.
„Ќе протестираме за Крешник. Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Ќе ги поддржиме и барањата и протестите на семејствата на загинатите деца во Кочани. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори“, изјави Ахмети, додека заедно со оваа поддршка ја бара и реформа на политичкиот систем преку ветинг на сите политичари, судии, јавни обвинители и функционери од 1991 година до денес.
Ахмети откри дека премиерот Христијан Мицкоски претходно изразил подготвеност за одржување на предвремени парламентарни избори во пакет со локалните избори, но додаде дека самото повлекување на Мицкоски од овој предлог било можеби последица од негативен одзив од неговата политичка база.
Дополнително, Ахмети нагласи дека ако не се почитуваат правата на албанскиот јазик, ДУИ ќе повика на бојкот на локалните избори за да не се постигне цензус и да се обезбеди пропаѓање на изборите.