Skip to main content
Балкан

Албанското собрание со декларација за поддршка на лидерите на ОВК

12/02/2026  17:21

Албанското собрание усвои декларација со која изразува поддршка за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против кои Специјализираното обвинителство во Хаг побара казни до 45 години затвор. Документот беше изгласан со 92 гласа „за“. Во текстот на декларацијата се наведува дека војната на ОВК била „праведна и легитимна ослободителна борба“, насочена кон заштита на човековите права и самоопределување на народот во Косово. Пратениците оценуваат дека барањата на Обвинителството можат да доведат до „искажување на искривена историска слика“, преку изедначување на, како што се наведува, борбата на ОВК со злосторствата извршени од тогашниот српски режим.

Собранието побара од Специјализираните совети во Хаг да обезбедат фер и непристрасна постапка за Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, со почитување на, како што се наведува, достоинството на ослободителната борба. Во декларацијата се потсетува и на настаните од крајот на 90-тите години, вклучително и интервенцијата на НАТО во 1999 година, која, според документот, ја потврдила легитимноста на борбата на ОВК. Албанскиот парламент изразува солидарност со граѓаните на Косово и семејствата на обвинетите, нагласувајќи дека ќе преземе дипломатски и политички активности на меѓународно ниво со цел, како што се вели, да се зачува „историската вистина“ и да се обезбеди правично спроведување на правдата. Декларацијата беше предложена од координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Бала. Претходно, албанскиот премиер ја оцени одлуката за барање високи затворски казни како „неразумна и неприфатлива“, упатувајќи остри критики и кон обвинителот во Хаг.