Skip to main content
Балкан

Албанските власти блокираа 75 тони пченка увезена од Србија

12/11/2025  20:58

Албанската национална агенција за храна (АКУ) во Скадар повторно блокираше значителна количина пченка увезена од Србија.

Овој пат станува збор за околу 75 тони пченка, блокирана на граничниот премин Хан Хоти, на албанско-црногорската граница, со цел да се спроведат лабораториски анализи. Само пред неколку дена, од истиот извозник, блокирани беа 25 тони пченка, со што вкупната блокирана количина досега достигна 100 тони, објавија медиумите повикувајќи се на соопштение на Агенцијата.

Според АКУ, за време на лабораториските тестови на првата количина пронајдено е присуството на афлатоксин Б1 над дозволените норми за Албанија.

Иако оваа количина може да се смета за прифатлива во земјите од Европска Унија, албанските стандарди се построги и не дозволуваат влез на овој производ на пазарот.

Во меѓувреме, властите блокирале и фарма во селото Труш, откако системот за следење открил дека таа била снабдувана со пченка за добиток од субјектот чија испорака е забранета.