Skip to main content
Македонија

Активни три пожари во државата, оној кај Николиќ ставен под контрола

16/07/2025  15:31

Активни се три пожари во државата, соопшти Надица Вчкова од Главниот штаб за управување со кризи.

Во моментот сѐ уште е активен пожарот во Велес кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, каде што гори мешана шума.

Активен пожар има и во Македонски Брод, помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа, таму гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.

И во општина Василево, кај селото Нивичино, има активен пожар, каде што гори нискостеблеста шума.

Пожарот кај селото Николиќ веќе е ставен под контрола, информираа надлежните, а пожарот кај Чучер-Сандево е целосно изгаснат.

„Во согласност со главниот штаб за ангажирање ресурси, денеска се вклучени две специјализирани возила со екипаж ‘Пинцгауер’ како и два ‘ер трактора’ на Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето кај селата Крушје и Иванковци. Во гаснењето на овој пожар ангажирани се и 30 припадници на АРМ. Хеликоптерот на МВР е во поддршка на копнените сили во гаснењето на пожарот над село Нивичино во општина Струмица“, извести Вчкова.

Додаде дека сите ангажирани ресурси остануваат максимално ангажирани на сите подрачја сѐ додека целосно не се изгаснат активните пожари.