Skip to main content
Македонија

Ако сакавме со 15.000 војници ќе ја поделевме Македонија во 2001 вели Ахмети

02/09/2025  10:15

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, за време на својот говор во Чаир, остро реагираше на, како што рече, „измислените наводи“ на дел од политичарите и нивните политики дека Албанците сакаат да ја поделат Македонија.

„Ако Албанците сакале да ја поделат Македонија, тоа ќе го направеле со петнаесет илјади вооружени војници. Ние сакаме унитарна и рамноправна држава за сите, а не тиранин за едни“, изјави Ахмети, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик.

На партискиот настан, каде присуствуваа и кандидатите за градоначалници Бујар Османи и Скендер Реџепи – Зејд, беше потпишан т.н. „Закон за Чаир“. Ахмети нагласи дека со овој чин се запечатува „најголемото национално единство од 2001 година“.

„Сите се обединети, како и порано, за да го вратат достоинството, да ја вратат честа, да ги заштитат достигнувањата. Тогаш борбата беше да се добие еднаквост, денес е да се заштити. Заедно да се стави крај на дискриминацијата, понижувањето, лошото управување. Сенародното движење на отпор и надеж станува сè посилно и поинклузивно секој ден! Сите на нозе, подготвени за октомврискиот референдум,“ порача Ахмети пред жителите на Чаир.