Skip to main content
Македонија

Ако ги затворите легалните игри на среќа, ќе се игра во подруми – АСОМ со писмо до политичарите

18/07/2025  13:46

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) ги повика политичките претставници да не го затвораат легалниот сектор на игри на среќа, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до раст на криминалот и нелегалното обложување.

Од асоцијацијата посочуваат дека индустријата е строго регулирана, вработува над 10.000 луѓе и редовно плаќа даноци, и ја осудуваат негативната реторика која го оцрнува бизнисот, а за која велат дека е со цел некој политички да профитира пред избори.

АСОМ ја критикува власта, обвинувјќи дека со години избегнува јавна дебата за важниот закон за игри на среќа и што пишува тајни верзии на законот без да вклучи експерти и јавност. Тие нагласуваат дека немаат што да кријат и сакаат јавно да ги соочат аргументите, додека прашуваат дали политичарите имаат нешто да кријат. Истовремено, предупредуваат дека индустријата се користи како заложник за коалициски и предизборни интереси, оставајќи илјадници вработени во неизвесност.

„Дали знаете што ќе се случи кога ќе ја затворите легалната индустрија за игри на среќа? Ќе се случи истото што се случи во Албанија пред неколку години и истото што се случуваше тука пред десетици години – ќе процвета нелегалниот бизнис, играње по подруми. Ќе расте криминалот, ќе се игра небезбедно, а државата ќе трпи огромни загуби. Им се обраќаме директно на албанските политички партии – зошто не го земете искуството на Албанија? Албанија виде дека затворањето на индустријата нанесе огромна штета, порасна криминалот, се играше „на диво“ и на крај ги вратија легалните обложувалници“, велат од АСОМ.

Се додава и дека е крајно лицемерно политичарите да зборуваат дека се борат против легалните приредувачи на игрите на среќа, но истовремено државата самостојно да организира игри на среќа на интернет и самостојно да има интерес да организира видеолотариски игри.

„Секоја власт лицемерно и политички го злоупотребува нашиот легален бизнис сектор само за да направи преземање, а не за да регулира или пак да ги заштити граѓаните“, велат од АСОМ.

АСОМ и компаниите кои ги претставува организацијата уште еднаш цврсто и јасно порачуваат – законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се донесе. Го опишуваат како штетен за граѓаните, за вработените кои ќе изгубат работни места и за безбедноста на играчите. Бараат итна јавна расправа за да се соочат аргументите и конечно да се донесе закон кој ќе биде европски, одржлив и од кој ќе имаат бенефит сите граѓани на оваа држава.

Во спротивно, велат дека се подготвени да одат до крај и со сите расположливи средства да ја бранат нивната легална индустрија од политички напади.