
Рано наутро утре (сабота) екипи на Водовод ќе бидат вклучени во акција од Оперативен план чија цел е подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намалување на загубите на вода.
-На 31 мај со отпочнување во 00:00 часот планирани се активности за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, за што е изготвен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат. Акцијата е предвидена со почеток во раните утрински часови кога сите екипи на секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат на предвидените локации. Се очекува оваа акција да заврши за помалку од 15 часа во кои најмногу часови се одвојува за празнење и полнење на магистрален цевковод, соопшти ЈП Водовод и канализација Скопје.
Како што е наведено во известувањето, со делумен прекин на водоснабдувањето ќе бидат населените места Визбегово,Чаир,Топанско Поле, Автокоманда (само висока зона), Железара и Бутел 1.
Со акцијата ќе се создадат услови за формирање циркуларен прстен за поврзување на двата магистрални цевковода во градот Скопје и се очекува да бидат подобрени хидрауличките услови во водоводната мрежа. Во подготовките биле направени проверки за исправноста на вентили, испусти и хидранти поставени по должина на магистралниот цевковод.
-По утврдување на состојбата и констатирање на нивната исправност, сектор Водовод со тим од осум екипи, носители на работата, ќе обезбеди сигурно празнење и полнење на системот со вода, се наведува во соопштението.