
Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Европската демократска партија (ЕДП) одсега ќе функционираат како еден политички субјект. Ова е исходот од денешната официјална средба меѓу претседателите на двете партии, Али Ахмети и Аријанит Хоџа.
Според заедничкото соопштение, одлуката следува по јавниот повик на ДУИ за обединување на албанските политички партии кои споделуваат иста визија за достоинствена застапеност и европска иднина на Албанците во Македонија.
Со договорот, ЕДП се интегрира во рамките на ДУИ, обединувајќи ги организациските, програмските и човечките капацитети. Целта на обединувањето е зајакнување на институционалната застапеност на Албанците и забрзување на евроинтеграциските процеси во државата.
Следниот чекор е формална потврда на одлуката од Генералниот совет на ДУИ, по што ќе бидат соопштени сите организациски и процедурални детали.
Лидерите Ахмети и Хоџа изразија уверување дека овој чекор ќе биде пример за политичка одговорност и единство, ставајќи го во фокус граѓанскиот интерес и европската перспектива на државата.

