
По усвојувањето на законските измени со кои од 1 февруари започнува со работа системот „Сејф Сити“ и автоматското казнување за сообраќајни прекршоци, во јавноста се отворија сериозни прашања околу заштитата на личните податоци и можностите за злоупотреба на снимките од движењето на граѓаните.
Порталот СДК.мк се обрати до Агенцијата за заштита на личните податоци со прашања дали постои ризик од злоупотреба на снимките, како и на базите на податоци кои ќе содржат информации за мејл-адреси, телефонски броеви и регистарски таблици, кои закони треба да се изменат и кој ќе врши контрола врз системот за да се спречат евентуални злоупотреби. Побарано било и појаснување дали правната рамка е доволна и дали Владата, Министерството за внатрешни работи или Министерството за правда побарале мислење од Агенцијата за овој проект.
По неколкудневно чекање, од Агенцијата одговориле дека токму таа институција ја врши контролата врз системот „Сејф Сити“ во делот на заштитата на личните податоци, согласно Законот за заштита на личните податоци.
„Согласно законот, Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Супервизијата опфаќа редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали контролорите и обработувачите ги обработуваат личните податоци на законит и правичен начин и дали се почитуваат правата на субјектите на личните податоци“, соопштиле од Агенцијата, пренесува СДК.мк.
Оттаму додаваат дека во последниот период примиле повеќе иницијативи од граѓани, поради што, како резултат на зголемените стравувања за можни злоупотреби, започнале постапка за спроведување вонредна супервизија.
„Во рамките на своите законски надлежности, Агенцијата започна вонредна супервизија со фокус на усогласеноста на системот ‘Безбеден град’ со Законот за заштита на личните податоци. Постапката е во тек и по нејзиното завршување јавноста ќе биде информирана за исходот“, наведуваат од Агенцијата.
Системот „Сејф Сити“ е уреден преку Законот за безбедност на сообраќајот, Законот за возила и измените на Законот за прекршоци. Од Агенцијата информираат дека дале мислења за дел од прописите и насоки за нивно усогласување во текот на имплементацијата.
„Процесот на усогласување сè уште трае и се очекува да биде целосно завршен пред системот да биде ставен во употреба“, додаваат од институцијата.
И покрај уверувањата дека постојат механизми за контрола, во јавноста остануваат отворени прашањата за обемот на податоците што ќе се обработуваат, начинот на нивно чување и пристап, како и можностите за злоупотреба од страна на институции или трети лица – теми кои, според правниците и граѓанските организации, се клучни за да не се загрозат демократските права и приватноста на граѓаните.
