Skip to main content
Македонија

АЕК ќе распише јавен тендер за нов мобилен оператор поради голем интерес

27/05/2025  16:57

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави дека ќе распише јавен тендер со јавно наддавање за доделување радиофреквенции, откако пристигнаа писма за искажување интерес од три компании: ONE Македонија, Битстрим Мобиле и е& ППФ Телеком Груп.

ONE Македонија предложи измени во условите, вклучувајќи можност за плаќање на рати, попусти за нови оператори, ревидирање на обврските за 5G покриеност и одложување на почетокот на комерцијално работење. АЕК прифати дел од нив, меѓу кои е ревидирање на условот за 5G покриеност – сега се бара сите населени места да имаат 5G сигнал до 2032 година – и дозволи старт со мрежа во најмалку еден град до крајот на 2026 година.

Сепак, предлозите за намалување или одложување на плаќањата беа одбиени поради законски ограничувања. Битстрим Мобиле изрази интерес за фреквенции што не беа опфатени со првичната Намера, па АЕК најави дека ќе објави нова процедура за тие опсези.

Од друга страна, е& ППФ Телеком Груп оцени дека минималните надоместоци се преголеми, но АЕК објасни дека цените се одредени врз основа на анализа и нема можност за нивно намалување. А1 Македонија побара став дали АЕК ќе интервенира ако новиот оператор се спои со постоечки.

Агенцијата појасни дека во сличен претходен случај постапила со цел да се ослободат фреквенции и да се заштити конкуренцијата, и дека така ќе постапи и во иднина. Со оглед на тоа што бројот на заинтересирани субјекти е поголем од достапните дозволи, АЕК ќе објави јавен тендер со јавно наддавање, со што се отвора можност за појава на трет мобилен оператор во Македонија.