
Адвокатот на Кајмакоски откри нови детали поврзани со киднапирањето на поп-пејачот Даниел Кајмакоски, кое се случило минатиот месец во Белград. Според информациите што ги соопшти неговиот адвокат и пријател Бранислав Станишиќ, киднаперите насилно го врзале со селотејп и под закана со пиштол и нож го принудиле да влезе во возило кое се упатило кон Рума.
Драмата, како што се наведува, кулминирала кај локацијата Бетон Хала, кога полицијата се обидела да го запре возилото за рутинска контрола, објави 4news.mk Потоа следела брканица, а поради густата магла киднаперите излетале од патот. Тие го оставиле повредениот и врзан пејач во оштетеното возило и побегнале.
Полицијата го пронашла Кајмакоски на задното седиште од автомобилот, а истрагата и потрагата по сторителите, за кои се сомнева дека се мигранти, сè уште се во тек. Надлежните институции продолжуваат со собирање докази и со активности за целосно расчистување на случајот во Србија.


