Skip to main content
Македонија

Адвокатката на Деко вели системот е виновен, не Дејан

02/12/2025  12:46

„Тешка ми е задачата да го бранам човекот кој за сите вас е убиец, а за мене е еден обичен човек. Дејан е човек, а не монструм.“
Со овие зборови адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, го започна својот воводен говор на денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“. Од самиот почеток, таа настојуваше да ја смени јавната перцепција за сопственикот на дискотеката, насочувајќи ја одговорноста кон други фактори.

Коцевска ја обвини музичката група настапувачка во клубот дека со своето однесување придонела за немарноста која довела до трагедијата, алудирајќи дека Јованов не е единствениот што треба да сноси вина.

Според одбраната, Деко е жртва на поширока системска дисфункција која експлодирала по несреќата.
„Се случи Кочани и ни ја тресна од глава дисфункционалноста на целиот систем. Нему му падна одговорноста, а не сме свесни уште колку локали функционираат вака“, рече Коцевска, посочувајќи дека проблемите се подлабоки од индивидуалната одговорност.

Во остар тон, адвокатката го нападна обвинителниот акт, нарекувајќи го „шутро обвинение“, базирано на претпоставки наместо на докази. Таа оцени дека воведниот говор на Обвинителството бил „поетичен“ и дека немал суштинска правна тежина.

„И најголемиот суд во светот не може да најде причинско-последничка врска за да го поврзе Дејан со последицата од 16-ти март“, изјави Коцевска.

Одбраната најави дека ќе го оспори вештачењето, тврдејќи дека е изготвено од лица што не се запишани во официјалниот регистар на вештаци. Дополнително, Коцевска истакна дека од самиот почеток чувствуваат дискриминација и политички притисоци, кои, според неа, влијаат врз текот на постапката.

Рочиштето продолжува со презентирање на докази и сослушување на сведоци во еден од најследените судски процеси во државата.