
„Во Ѓорче Петров денес нема високотехнолошки камери со сензори за следење на фрлањето отпад и појавата на диви депонии. Нема ни дронови за аеро-надзор на тешко достапните локации. Нема специјализиран камион-кипер за побрза интервенција, а бога ми, ги нема ни самите општински еколошки тимови,“ изјави кандидатот за градоначалник на СДСМ, Костадин Ацевски.
Тој потсети дека општината преку проект финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА III Програмата добила модерна опрема – камери, дронови, сензори и камион за еко-тимовите.
На официјалната презентација на која покрај градоначалникот Александар Стојкоски, беа присутни и заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, заменик-директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Кашмир Салиу и градоначалникот на Хани и Елезит, Мехмет Балажи, беа претставени придобивките од проектот.
-Општината доби две високо-технолошки камери со сензори за следење на отпад и диви депонии на критични точки, сензор за мерење на водостојот на реката Лепенец, два дрона за аеронадзор и специјализиран камион-кипер за олеснета логистика и интервенции од еко-тимовите, стои на официјалната страна од општината..
Иако ваквата опрема е претставена како голем исчекор кон справување со загадувањето и климатските ризици, Ацевски истакна дека во реалноста таа не се користи и граѓаните не гледаат никаков бенефит од неа.
„Наместо тоа, Ѓорче Петров е прекриено со огромни диви депонии кои секој ден стануваат сè поголеми. Ова е еколошка катастрофа со трајни последици врз животната средина и здравјето на граѓаните,“ рече тој.
Ацевски нагласи дека во изминатите четири години мандат на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски, не е преземена системска акција за чиста општина.
„Стојкоски дозволи Ѓорче Петров да стане препознатливо по депонии, наместо по паркови и зелени површини. Во мојот мандат, во првите 100 дена, ќе ги исчистиме сите диви депонии и ќе воспоставиме систем со кој ќе спречиме создавање на нови. Ѓорче Петров заслужува чиста и здрава животна средина,“ порача Ацевски.