Skip to main content
Uncategorized

Ацевски: Ќе ставиме крај на бетонизацијата во Хром

25/09/2025  11:04

Кандидатот за градоначалник на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, во новото видео снимено на улицата „Александар Мартулков“ посочи конкретен пример за неконтролираното градење кое го уништува урбаниот живот во населбата Хром.

„На парцелите зад мене, кои се со намена за домување во куќи и категоризација А1, никнува зграда и веќе се продаваат станови. Па, нели е доста од згради во Хром? Како е можно дури и куќите да се претвораат во згради? На која водоводна и канализациона мрежа ќе се поврзат овие станови? По кои улици ќе се движат новите жители? Каде ќе паркираат? Што со проблемот со слаб притисок на водата?“ – праша Ацевски.

Тој потсети дека пред четири години, актуелниот градоначалник Александар Стојкоски вети изградба на над 20.000 квадратни метри паркови и зелени површини во општината.

„Наместо тоа, сведоци сме на постојано издавање дозволи за нови згради и дополнително загушување на Хром и другите населби во општината“ нагласи Ацевски.

Ацевски порача дека со него како градоначалник ќе запре бетонизацијата на Хром и дека фокусот ќе биде насочен кон реалните проблеми на жителите: стабилен водовод и канализација, нови и доволно паркинг-места, решавање на сообраќајниот хаос и поголема хигиена во населбата.

„Хром мора да остане место за достоинствен и мирен живот, а не жртва на диви урбанистички интереси“, истакна Ацевски.