Skip to main content
Свет

Абас поддржува разоружување на Хамас и исклучувањето на групата од идното управување со Газа

10/06/2025  12:27

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, изјави дека ја поддржува идејата Хамас да се разоружа и „повеќе да не владее со Газа“ како дел од мерките за создавање идна палестинска држава.

Абас го изрази овој став во писмо упатено до францускиот претседател Емануел Макрон и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кои ќе бидат копретседатели на конференцијата на ОН посветена на решавање на израелско-палестинскиот конфликт преку создавање две држави.

Форумот ќе се одржи од 17 до 21 јуни во седиштето на светската организација во Њујорк.

Махмуд Абас истакна дека е „подготвен да покани арапски и меѓународни сили“ да бидат распоредени на палестинските територии во рамките на „мисија за стабилизација и заштита со мандат од Советот за безбедност на ОН“.

Претседателот на Палестинската самоуправа, исто така, нагласи во своето писмо дека нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната во Појасот Газа, „е неприфатлив и осудлив“. Абас го повика палестинското исламистичко движење „веднаш да ги ослободи сите заложници“.