Skip to main content
Македонија

Aгрометеоролозите од УХМР препорачуваат: Земјоделците да ги подготват културите за „влез“ во зимскиот период

02/12/2024  20:17

Минатата недела беа регистрирани ниски минимални температури кои предизвикаа појава на мраз. Според агрометеоролозите, овој ран, есенски мраз не причинува штети и е помалку опасен, но земјоделците, сепак, мора да ги подготват градинарските, житните и овошните култури за „влез“ во зимскиот период.

– Есенскиот, ран мраз не предизвикува штети зашто во есен е завршен развојот на повеќето едногодишни култури, а некои жита, како и овошките и виновата лоза се подготвуваат за зимско мирување. Во таа фаза се поотпорни на ниски температури или појава на мраз. Иако раните есенски мразеви се помалку опасни, земјоделските производители мора да бидат подготвени, да им овозможат на градинарските, житните и овошните култури подготвени да влезат во зимскиот период, да го намалат потенцијалот на инфекција за следната година и да произведуваат квалитетна култура во раните пролетни денови, нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.

Кај лозовите насади се препорачува зимска заштита.

– Кога лозите ќе влезат во фаза на мирување, по паѓањето на лисјата, се препорачува да се покријат ластарите. Најмалку 5-6 окца на ластарот треба да бидат покриени со умерено влажна почва. Овој метод осигурува дека пупките од винова лоза се заштитени од зимски мразови, бидејќи почвата обезбедува дополнителен термички слој што го спречува замрзнувањето, напоменуваат агрометеоролозите.