Skip to main content
Македонија

Претседателката Сиљановска Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година

24/11/2025  16:32

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година на 20 најдобри студенти кои своето образование ќе го продолжат на Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот „Јорк“, со седиште во Солун, Грција.

Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра при што 50 проценти или 7.445 евра по студент обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите 50 проценти ги обезбедува Сити колеџот од Солун. Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на претседателот, Министерството за образование и наука, Фондацијата „Борис Трајковски“ и Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот „Јорк“.

Во своето обраќање на настанот, претседателката Сиљановска Давкова рече дека денеска сме соочени со феноменот на енормна емиграција, егзодус на најдобрите односно одлив на мозоци. Таа посочи дека без интелигенција нема ниту политичка, ниту културна ниту научна елита оти тие се фактор и агенс на реформите, на развојот и на демократијата.

Потрагата по Соломонското решение, потенцира, претседателката, е во постојаниот контакт и соработка односно размена на информации со нашите студенти каде и да се, со магистрите и докторантите, со истражувачите, со научниците, со уметниците, со бизнисмените надвор, но и оние кои се вратиле дома, внатре, затоа што тоа ни го овозможуваат вештачката интелигенција и дигитализацијата.

Според неа, решението е во домашните реформи, односно промени што ќе ги привлечат најумните и најперспективните да размислуваат за враќање дома или да останат тука.

– Највисоката цена за отсуството на фер шанса за напредување ја плаќаат граѓаните, ама и државата. Знаеме дека една од главните причини за иселувањето на нашите најталенирани млади е токму нивната интерна потреба да создаваат вредности, да напредуваат не врз основа на врски, привилегии или протекција, туку само и само со своето напорно стекнато знаење, квалитет и способност. Вие почитувани стипендисти сте дел од малата група на млади луѓе кои не смееме да ги изгубиме. Со оваа стипендија за паневропската извршна MБИ програма на Сити колеџот во Солун, која е кампус на Универзитетот Јорк за Европа, вам ви се отвораат не само многу европски, туку и подалечни врати за квалитетен успех, за студирање, за работа, за кариерен растеж и за напредување, рече Сиљановска Давкова.

Затоа, истакна таа, денеска кога ставаме уште едно камче во мозаикот на искрена доверба меѓу македонското и грчкото општество би сакала да ви порачам две нешта.

– Прво дека нема ништо лошо во личната амбиција оти таа е себе двигател, двигател на економијата иновации и на растот, но да потсетам дека постојат вредности што не можат да се постигнат само преку задоволување на личниот интерес како взаемната доверба, солидарноста, хуманоста, емпатијата и свеста за општото добро, односно јавниот интерес и јавното добро. Второ ве охрабрувам знаењата, вештините и контактите кои ќе ги стекнете освен за вашиот персонален успех и престиж да ги насочите и кон институциите и кон панелите во кои ќе работите односно за подобрување на состојбата во државата што вложува во вас стипендирајќи ве. На тој начин ќе придонесете и вие за неа и за заедницата. На патот пред вас не сте сами. Изминатите 20-тина години се создаде почитувана, позната и експонирана заедница од над 300 успешни реализирани личности кои се издигнале над индивидуалните кариери и придонеле за општото добро, рече Сиљановска Давкова.

Појасни дека оваа стипендија е обврска на државата да не ве заборави по завршувањето на програмата.

– Ние ги очекуваме вашите иницијативи и вашето вклучување во креирањето на јавните политики и јавната вредност од важност за сите. Да не заборавиме дека за Аристотел крајната цел на политичката заедница на државата е добриот живот, а добриот живот, пак, е посветен на служење на просперитетот на заедницата, додаде Сиљановска Давкова.

На настанот присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека со годинашното доделување на стипендиите „Борис Трајковски“, чија традиција трае веќе 22 години, го поддржуваат образованието на нова генерација постдипломци на реномирана високообразовна установа, кои ќе го зајакнат кадровскиот потенцијал на државата и од нив ќе се очекува да придонесат кон нејзиниот развој.

– Јас ви честитам вам, на сите селектирани кандидати, добитници на стипендија и ви посакувам успех во студиите, навремено завршување на испитите во рамки на студиските програми и стекнување на оптималното знаење, заради кое и Ве праќаме на усовршување. А, знаеме каде ве праќаме. Сити колеџот во Солун како Европски кампус на Универзитетот Јорк, веќе создаде 20тина генерации од тука, што сега успешно се интегрирани во македонското општество и го ефектуираат знаењето. Верувам во вашиот успех, бидејќи сите вие дотука не сте стигнати без доволно ентузијазам и труд. Така и оваа стипендија доаѓа како признание на вашата упорност, талентот и потенцијалот што го носите во себе. Таа е поттик да продолжите да чекорите храбро напред, да истражувате, создавате, учите и да ги поминувате границите на можностите, рече Јаневска.

Таа ги советуваше стипендистите дека откако ќе стигнат до дипломите, со двоен потпис на Универзитетот Јорк и на Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур, и кога ќе ги фрлаат капите во височина, како чин на заокружување на постдипломските студии, да се сетат од каде доаѓаат и кој ги поддржал на патот до тој успех.

– Сетете се дека ве поддржа вашата земја Македонија и возвратете и’ вложувајќи го знаењето во неа. Затоа што, кога знаењето го вложувате во татковината, не градите само поубава земја — туку градите и поубава иднина за вас, за нас и за сите оние што ќе дојдат по нас. Ние и понатаму ќе ве поддржуваме. Од година во година сé повеќе пари од државниот буџет се одвојуваат за образование, наука и истражување. Тоа се нашите алатки за зацврстување на темелот врз кој градиме посилна и поуспешна земја. Среќно и со успех!, додаде Јаневска.

Директорот на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ, Јанис Верверидис рече дека тој Универзитет континуирано се вбројува меѓу најдобрите универзитети во светот. Посочи дека стипендистите се избрани во една многу строга процедура за да станат дел од уникатна, врвна академска програма, која е современа, напредна и се реализира заедно со Универзитетот во Стразбур, кој е високо престижна француска институција со 18 добитници на Нобелова награда во својата историја и води до две МБИ дипломи, една од Универзитетот Јорк и една од Универзитетот во Стразбур.

– Станувате дел од вистинска интернационална програма која со голем успех се реализира веќе 30 години и се изведува во седум градови од поширокиот регион. Предавачи се врвни меѓународни професори и таа ви овозможува да студирате, да се сретнувате и да вмрежувате со колеги од 25 други земји без при тоа да мора да ги напуштите вашите држави, работа и вашето семејство на подолг период. Но, најважно од се ова е програма која ќе ви овозможи пошироко образовно искуство кое ќе го промени тоа што го знаете и начинот на кој учите, ќе го промени начинот на кој размислувате и делувате, но и ќе ги промени и животните предизвици и вашата иднина преку развивање нови способности и квалитети, рече Верверидис.

Аристотел, кој е еден од најголемите филозофи на сите времиња, потенцира тој, пред 2300 години рекол „ние сме тоа што постојано го правиме. Извонредноста не е чин туку навика“.

-Тоа е стремежот на нашата МБИ програма да ги подготви студентите да тежнеат кон извонредност во се што прават. Нашата цел е да ви понудиме уникатно интернационално образовно искуство кое ќе ги овозможи да направите разлика за општеството, за економијата, за вашата земја и за целиот регион придонесувајќи за општото добро, додаде Верверидис.