Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање Анкетна комисија за „Пулс“, „Модуларна болница“, „Дурмо турс“ и „Беса транс“

24/11/2025  15:34

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска до Собранието поднесоа Иницијатива за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во земјата. Целта на оваа Анкетна комисија, како што изјави на прес-конференција пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, е утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапување на институциите за пожарот во дискотеката во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.

Стојаноски рече дека на иницијативата се потпишани 77 пратеници и оти тоа е доказ дека тие не сакаат да ги политизираат овие трагични настани туку дека сакаат да помогнат засегнатите да добијат правда.

– Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог, рече Стојаноски.

Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови од ВМРО-ДПМНЕ, по двајца од СДСМ, Европски фронт и Вреди и по еден од ЗНАМ и од Левица, а со неа би претседавал пратеник од редовите на опозициските партии.

Стојаноски објасни дека форматот, односно составот е клучната разлика, што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.

-Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случувањата односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани, рече Стојаноски.

Секоја пратеничка група има право да предложи листа на сведоци и експерти, а секој поканет експерт има обврска да се појави пред пратениците. Стојаноски рече дека за секој од случаите поединечно ќе бидат изготвени заклучоци коишто потоа ќе се доставуваат до Владата и Јавното обвинителство. Во однос на тоа како временски би се одвивале активностите на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тоа е уредено со Деловникот на Собранието, а за тоа кој случај ќе биде приоритетен треба да биде договорено на координацијата на оние што ќе бидат дел од Анкетната комисија.

– Максимум 45 дена треба да има од почетокот до крајот на анкетната комисија, а во рок од 30 дена треба да биде изготвен извештај и да биде пратен со пратениците и институциите, изјави Стојаноски.

Тој ги повика и пратениците од другите политички партии да приклучат кон оваа иницијатива и активно да придонесат во нејзината работа.

Стојаноски беше дециден дека меѓу нивната и иницијативата на СДСМ и Левица, која денеска по координацијата со пратеничките групи претседателот на Собранието ја врати на доработка, има три клучни разлики. Првото е почитувањето на Деловникот во однос на составот на комисијата, второ дека тие предлагаат и воведување одговорност на оние за кои ќе биде заклучено на комисија дека сториле некое дело и сметаат дека овој случај не треба да биде политизиран.

-Треба да биде проширен на сите трагедии не само на една, бидејќи во изминатиот период можевме да видиме дека дури и оние лица кои се опфатени со судски пресуди не ги извршуваат законските казни, а оние кои се оштетени имаат чувство дека вистинските виновници не се изведени пред лицето на правдата, рече пратеникот Стојаноски.

Нивните очекувања се вистинските виновници да излезат на површина и да системот да се рекомпонира за да не се случуваат вакви настани повеќе. Стојаноски вели дека целта им е да се направи систем што нема да дозволи вакво нешто да не се случува.

На првата наредна пленарна седница се очекува Иницијативата да се најде на дневен ред, а потоа да се формира. Најавите од Собранието се дека новата собраниска седница ќе се одржи следната недела односно на почетокот на декември.