
Европскиот суд за човекови права отвори сериозни прашања околу можните повреди на правото на правично судење во предметот против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за набавката на блиндирано возило, објави таа на својот профил на Фејсбук.
Јанкулоска наведува дека Судот во Стразбур препознал повеќе пропусти и сомнежи за неправилности во постапката, кои, како што тврди, се резултат на „беззаконието и бескрупулозноста на инсталациите на претходната власт во правосудството“. Додава дека, иако минале речиси пет години од поднесувањето на апликацијата, а таа во меѓувреме ја издржала затворската казна, сознанието дека ЕСЧП утврдил сериозни основи за разгледување на нејзините наводи претставува „лична сатисфакција“.
Во објавата го споменува и односот на судиите, посочувајќи дека „оние со 2% доверба“ треба да сфатат дека не смеат да служат на ничии интереси, туку да ги штитат правата на граѓаните. Таа ја спомнува и судијката Добрила Кацарска, која најпрво претседавала со советот што ги осудил Никола Груевски и Ѓоко Поповски за истото дело, а потоа раководела и со раздвоената постапка против неа. Според апликацијата, со оглед на тоа што Кацарска веќе ја посочила Јанкулоска како лице што ги охрабрило нивните постапки, таа влегла во новата постапка со веќе формирано мислење за вината.
„Овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада. Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција. Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, наведе Јанкулоска.
Одлуката на ЕСЧП ја коментира и адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на Јанкулоска и автор на апликацијата. Тој вели дека предметот „Тенк“ е пример на сите слабости на македонското судство – од користењето прислушувани материјали како докази, преку ограниченото право на одбрана, до, како што наведува, отсуство на непристрасност и независност на судиите. Според него, отворањето на случајот од страна на ЕСЧП е прв чекор кон „целосна рехабилитација“ на Јанкулоска и кон утврдување одговорност за, како што ги нарекува, „злосторите“ на правосудниот систем и поранешното СЈО.
„Судскиот предмет ‘Тенк’ е case study во којшто се отсликуваат сите проблеми и целата трулост на македонското ‘пупка’ судство – срамно користење на прислушкувани разговори како докази, повреда на правото на одбрана (експресно судење, нееднаквост на оружјата и неконтрадикторност на постапката), отсуство на независност и непристрасност на судиите, повреда на презумпција на невиност, немање пристап до суд па дури и отсуство на суд (трибунал) основан со закон. Конечно, припадниците на злосторничкото здружение ќе треба да положат сметка и да дадат одговори за своите бестијалности, што верувам е прв чекор до конечната цел – целосна рехабилитација на Гордана Јанкулоска и одговорност (професионална и кривична) за злотворите од ‘пупка’ судството и рекетарското СЈО“. – пишува Илиевски

