
Нова сеизмичка мапа која кружи на социјалните мрежи повторно го потврдува високоризичниот статус на Балканот, при што Македонија се наоѓа во зоната со најголем потенцијал за земјотреси.
Мапата ја дели Европа на три категории: висок ризик (црвена), среден-низок ризик (портокалова) и многу низок ризик (зелена). Според прикажаните податоци, целиот Балкан – вклучувајќи ги Македонија, Хрватска, БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија и Грција – е означен како регион со најголем сеизмички ризик, слично со западниот дел на Турција.
Спротивно на тоа, Ирска, Велика Британија, Скандинавија, балтичките држави и Полска се прикажани како речиси целосно безбедни, обележани во темно зелена зона. Шпанија, Португалија, Франција, Австрија и Унгарија се во портокалова категорија на ризик, додека Италија е речиси целосно обоена во црвено, што ја позиционира меѓу најризичните земји на континентот.
Авторите на мапата предупредуваат дека дел од информациите може да не бидат целосно прецизни – дел од старите или неактивни раседи не се прикажани, а некои региони се оценети условно. Сепак, објавата уште еднаш ја нагласува потребата од внимателност, модернизација на објектите и јакнење на безбедносните стандарди во Македонија и поширокиот регион.

