Skip to main content
Македонија

Митот за „ексклузивна автохтоност“

21/11/2025  09:17

Пишува: Салим Кадри Керими

Во последните децении, во политичкиот и културниот дискурс на одредени балкански средини, и посебно во некои албански кругови, зачестено се возобновува митот за некаква „ексклузивна автохтоност“. Ова се случува пред сè во оние средини кои настојуваат да ги легитимираат своите идентитетски и територијални претензии преку симболиката на древноста. Со други зборови, особено по 1990-тите години, во различни средини се забележува изразена тенденција да се афирмира тезата за таканаречената „ексклузивна автохтоност“ на Албанците на балканскиот простор. На разни собири и манифестации, културно-забавни настани дури и на спортски натпревари, често се случува истакнување на знамиња со натписот „Autochthonous“, чија цел е да ги прикажат Албанците како „најстар“ и нај „автентичен“ народ во регионот. Сепак, оваа теза е длабоко проблематична и научно неоснована во однос на релевантни и веродостојни факти.

Таквите појави, иако емоционални и симболични, се во целосна спротивност со основните принципи на современата историја, антропологија и филозофија. Во продолжение на овој текст ќе се обидам накратко и аргументирано да го анализирам митскиот и не-научен карактер на концептот за некаква „ексклузивна автохтоност“, нагласувајќи дека ваквото тврдење претставува логички и морален апсурд и нема никаква врска со историската и научната вистина.

Во своето етимолошко значење, зборот автохтон потекнува од грчкиот (autós – сам, chthōn – земја) и означува „човек што е по потекло од местото во кое живее – страоседелец“. Во современата мисла, овој поим претставува повеќе метафора отколку историска реалност. Францускиот антрополог Клод Леви Строус (Claude Lévi Strauss) во своето дело „Race et histoire“ (1952), меѓу другото истакнува дека „не постои чисто или изолирано општество; секоја култура се формира во однос со друга“. Оттука, „ексклузивната автохтоност“ е илузија, создадена повеќе за да обезбеди идеолошка легитимација на одреден национален идентитет, отколку за да го објасни вистинското потекло на народите.

Британските историчари Ерик Хобсбаум (Eric Hobsbawm) и Теренс Ренџр (Terence Ranger), во нивниот труд:  “The Invention of Tradition“ (2012), аргументираат дека, многу концепти што денес ги среќаваме во модерните национализми – меѓу нив и идејата за „чисто потекло“ или „непрекинат историски континуитет“ – се производ на она што тие го нарекуваат „измислени традиции“. Ова целосно важи и за митот за автохтоноста на Балканот и пошироко во Европа, каде тврдењата за „подлабоки корени“ најчесто служат за легитимирање политички идеи, а не за објаснување на историската или антрополошката реалност.

Според сите релевантни антрополошки студии, миграциите и културните интеракции се суштината на човечкиот развој. Историчарот Вилијам Х. Мекнил (William H. McNeill), во своето дело “The Rise of the West“ (1963) ја дефинира историјата на човештвото како „историја на непрекинато движење и размена“. Од праисторијата до денес, народите се движеле, се мешале, делеле јазици, обичаи и институции.

Во оваа светлина, секој обид да се тврди „непрекинат етнички континуитет“ е спротивен на фактите. Албанската култура и традиција, како и грчката, српската, македонската или бугарската, претставува производ на повеќеслојни историски влијанија – илирски, тракиски, римски, византиски, османлиски – кои не можат да се сведат на една единствена линија на потекло. Зборувањето за некаква „ексклузивна автохтоност“ во регионот каде цивилизациите со векови се менувале, мешале и коегзистирале, значи негирање на самата природа на историјата.

Според философската анализа на академик Ферид Мухиќ (Ferid Muhić), изнесена во неговото ремек дело „Islamski identitet Evrope“ (2014), претензиите на одделни европски народи за нивна „поголема автохтоност“ на одредена територија се историски и концепциски неодржливи. Европа, како континент на долготрајни миграциски бранови, културни интеракции и цивилизациски преклопувања, никогаш не претставувала затворен простор на стабилни, биолошки континуирани етнички заедници.

Балканот е едно од местата каде митот за автохтоноста прераснал во инструмент на идентитетската политика. Национализмите од XIX и XX век создадоа наративи кои настојуваат да покажат дека „ние сме биле тука први“. Грците го негуваат култот кон „древното хеленско наследство“, Србите говорат за „светите косовски земји“, Македонците за „континуитетот на Александар Велики“, а одредени албански кругови ги истакнуваат тезите за „пелазго-илирската автохтоност“ како „доказ“ за некаква „историска предност“.

Но, како што забележува историчарот Ноел Малком (Noel Malcolm), „сите овие наративи се обидуваат да ја заменат науката со мит“ (Kosovo: A Short History, 1998). Секој ваков наратив произлегува од желбата да се изгради идентитет преку исклучување на другиот. Наместо да се прифати заедничката историја, се фаворизира нејзиното судирање. Во суштина, тоа е апсурдот на „ексклузивната/ исклучива автохтоност“: таа сака да докаже дека еден народ има „повеќе право на постоење“ на одредена територија отколку другите.

Тврдењето за „ексклузивна автохтоност“ е не само научно неточно, туку и политички опасно. Тоа ја негува идејата дека народите се непроменливи ентитети, родени со „природно право“ врз одреден простор. Филозофот Јирген Хабермас (Jürgen Habermas)      во неговото дело „The Inclusion of the Other“ (1998) предупредува дека „кога историјата се претвора во мит за легитимација, таа го губи својот еманципаторски карактер“. Ова особено се забележува на Балканот, каде историјата често се претвора во симболично оружје, наместо во средство за разбирање.

Така, концептот на „исклучива автохтоност“ станува повод за исклучувачка реторика, негирање на правата на другиот, па дури и оправдување на конфликти. Спротивно на тоа, науката има морална обврска да внесе јасност: автохтоноста не е биолошка или морална категорија, туку историски конструкт што мора критички да се деконструира. Сериозните истражувачи имаат огромна одговорност да го разјаснат апсурдот на „ексклузивната/ исклучивата автохтоност“ кај кој било народ на Планетата Земја.

Доколку прифатиме дека човештвото е производ на заедничка историја, тогаш мора да прифатиме и дека сите народи се автохтони на Планетата Земја, и дека никој не е „поавтохтон“ од другиот. Според британските антрополози Крис Стрингер (Chris Stringer) и Питер Ендруз (Peter Andrews), автори на теоријата „Out of Africa“ (1988), сите современи луѓе имаат заедничко потекло во Африка и постепено се рашириле низ светот. Доколку се земаат предвид оваа теорија и пораките содржани во светата книга – Коранот (Сура Ал – Хиџр, 15:26, и др.), според кои луѓето се создадени од семоќниот Бог (Алах), создавач и господар на сè што постои на Земјата и вселената – тогаш станува јасно дека денешните етнички поделби се резултат на историски процеси, а не доказ за некаква „вродена автохтоност“. Во тој контекст, единствената реална автохтоност е онаа планетарната: припадноста кон човечкиот род и кон заедничката цивилизација. Таквиот пристап го разградува митот за надмоќ и го заменува со хуманистичка визија за еднаквост на човечките суштества.

Како заклучок може да се каже дека автохтоноста, разбрана како „ексклузивно/ исклучиво право“ врз одредена територија, нема никаква научна основа. Таа претставува идеолошка конструкција создадена за да произведува поделби, а не за да ја објасни историјата. Историјата на човештвото е историја на движења, мешања и коегзистенција – а не на цврсти граници. Затоа секое тврдење за „поголема автохтоност“ е неосновано и штетно. Тоа е спротивно на научната логика, на етиката на хуманизмот и на принципите на соживот. Наместо да се негуваат митови, треба да се развива култура на меѓусебно разбирање и почитување. Како што вели Клод Леви Строус: „вредноста на културите не се мери според нивната древност, туку според способноста да комуницираат со другите“. Во таа смисла, автохтон е секој човек што живее на Планетата Земја, но никој не е повеќе автохтон од другиот. Тоа, според моето мислење и длабоку уверување, е единствената универзална вистина што науката и историјата можат да ја прифатат.