Skip to main content
Македонија

Избор на претседател на ДКСК на Комисијата за прашања на изборите и именувањата

21/11/2025  08:24

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е Утврдувањето Предлог-листа за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Антикорупциска добива нов претседател на местото на Татјана Димитровска која поднесе оставка, откако беше обвинета во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа на лице обвинето во случајот „Адитив“ му пренесувала информации од предмет кој за него се водел во Антикорупциска. Дополнително, одговара и за фалсификување на сертификат за државна тајна, бидејќи во нејзино име, друг го полагал електронскиот испит.

Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) што ја формираше собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата вчера соопшти дека кандидатот Адем Чучуљ од Скопје, дипломиран правник и актуелен генерален секретар на ДКСК, го оценила како најуспешен во постапката за избор.

Според Комисијата, Чучуљ покажал значајно искуство во спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и јасна визија и конкретен план за работата и развојот на ДКСК. Тој дал одлични одговори на сите поставени општи и посебни прашања, по што освоил вкупно 96,50 бодови, што го рангира највисоко меѓу кандидатите.

Второрангиран е Бранко Смилевски од Скопје – дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на Главниот ревизор, со освоени 86,33 бодови, а треторангиран е проф. д-р Кимо Чавдар од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки, кој освоил 81,83 бодови.

Комисијата за селекција посочува дека и Смилевски и Чавдар дале одлични одговори на поставените општи и посебни прашања.

Огласот за пријавување кандидати за претседател на Антикорупциската комисија беше објавен уште летово, но постапката беше времено прекината поради локалните избори.

Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот на Собранието на избор за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), селектирани беа 10, а интервјуата со нив почнаа во вторникот.

МИА