Skip to main content
Македонија

Судењето за „Пулс“ започнува, 63 жртви и децении пропусти

19/11/2025  09:01

Денеска во најголемата судница во „Идризово“ започнува судскиот процес за трагедијата во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, каде што на 16 март 2025 година во разорен пожар животот го загубија 63 лица, меѓу кои и шест деца.

Овој настан, кој ја потресе целата држава и предизвика длабока недоверба во институциите, конечно добива судска разврска со обемен обвинителен акт поднесен од Основното јавно обвинителство Кочани. Во него, обвинителството детализира повеќедецениски синџир на негрижа, системски пропусти и коруптивни практики кои, според истражните органи, се протегале од сопствениците на клубот, преку локалната самоуправа, па сè до лица со одговорни функции во неколку државни институции и министерства.

Според обвинителството, токму овие длабоки пропусти овозможиле клубот да работи без соодветни противпожарни стандарди и со сериозни безбедносни недостатоци, што директно придонело за трагичниот исход.

Особено внимание привлекува најавеното присуство на американската амбасадорка во земјава, на денешното прво рочиште. Нејзиното присуство се толкува како поддршка за транспарентно, професионално и непристрасно водење на судската постапка, но и како силен сигнал за важноста на расчистувањето на еден случај кој ја потресе јавноста и го стави под прашање функционирањето на институционалните механизми.

Судењето се очекува да биде едно од најкомплексните и најследените во поновата историја на земјата, со оглед на бројот на обвинети, сериозноста на обвиненијата и високото ниво на јавен интерес. И семејствата на загинатите и меѓународната заедница, како и пошироката јавност, ги вперуваат очите кон денешното рочиште со надеж дека ќе биде воспоставена правда и одговорност за една од најтешките трагедии во современа Македонија.